Поранешниот помошник министер за внатрешни работи, Ѓоко Поповски повеќе од еден месец е надвор од затворот „Идризово“ каде ја издржуваше затворската казна за купениот „мерцедес“ за поранешниот премиер Никола Груевски.
Според информациите на „Фокус“ од затворските власти, Поповски првично добил прекин на затворската казна од страна на поранешниот поранешниот директор на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ од 30 дена, а потоа Кривичниот суд му го продолжил прекинот за уште два месеци заради здравствени проблеми.
-Судија за извршување санкции при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по барање на одбраната на осуденото лице за кое се интересирате, има донесено решение со кое се уважува барањето за прекин на казната во траење од два месеци сметајќи од 11.07.2024 година, а заради влошена здравствена состојба и неопходно лекување за кое не постојат услови во Затворската установа, видно од приложената медицинска документација. Осуденото лице е должно да го известува судот за неговата здравствена состојба во текот на прекинот и да се јави на доиздржување на казната на наведен рок под страв за присилно спроведување, велат од Кривичниот суд за „Фокус“.
Поповски освен за „Тенк“, првично на девет години затвор беше осуден за случајот „Триста“, односно за набавката на 300 возила за потребите на МВР.
Тој беше еден од ретките функционери кои се судеа, а заврши со години во затвор.
Јавноста вчера дозна дека петмина осудени за случајот „27 април“ добиле прекин на затворската казна од страна на новиот директор на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, а меѓу нив е и поранешниот министер, Митко Чавков кој беше осуден на највисока затворска казна.
Уште две лица осудени за „крвавиот упад“, според информациите на „Фокус“ имале поднесено барање за прекин на казната.
Управата има право да им даде прекин од 30 дена, но Кривичниот суд може да им го продолжи времето, во зависност од документацијата.
Иако сегашната власт најавуваше помилување на овие осуденици, исто така се најавуваше барање за повторување на судењето, сепак решението најверојатно ќе биде прекинот на издржувањето на казната.
Ф.Ф.С.