За Северна Македонија фокусот во 2023 година мора да биде на реформи. Реформи кои пред се и над се ќе бидат на барање на граѓаните и на нивните интереси. Патот напред, темпото на тие реформи и напредокот кон ЕУ сега зависи од вас. Сега е моментот кога треба да се надоврзете на оној поттик којшто се случи во 2022 со почнувањето на преговорите. Времето отсега до изборите во 2024 година треба да се искористи токму затоа, да се турнат напред оние толку потребни реформи за кои сите знаеме кои се и што е потребно да се направи.
Ова го порача евроамбасадорот во земјава, Дејвид Гир пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, на кој шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин ги претстави приоритетите на претседавањето на нејзината држава со Советот на ЕУ.
Гир подвлече дека 2023 година ќе биде решавачка за ЕУ, за Западен Балкан и Северна Македонија.
-Живееме во историски времиња со целата болка, со сите тие тешки моменти што ни се случуваат. Но, исто така има и еден силен порив за одлучност за да се движиме напред. Се сеќавате на извештајот од минатата есен што го разгледувавме токму во овој законодавен дом, а што дава јасни насоки. Од клучна и највисока важност е владеењето на правото. Ова беше особен фокус и загриженост од страна на граѓаните минатата година. ЕУ, земјите членки и други држави партнери потрошија милиони во овој сектор така што праведно е да се очекува да има и одредени резултати. Северна Македонија има потреба од професионален и од независен правосуден сектор вклучително и обвинителство. Луѓе коишто делуваат со интегритет ослободени од политички притисок или финансиски поттик. Главен приоритет треба да биде и борбата против организираниот криминал и корупција. Таа борба треба да има дополнителна енергија бидејќи ЕУ од блиску ќе го следи развојот на настаните во овој дел – во делот темелници од првиот до последниот дел од преговарачакиот процес. Владата секако го води тој процес, но и Парламентот е во срцевината, истакна Гир.