Васил Гарвналиев, нашиот претставник на Евровизија 2020, вчера ја промовираше песната ,,You” со која ќе настапи на манифестацијата во Ротердам, Холандија во мај.
Музиката за ,,You” ја напиша Невена Нешкоска, Македонка која живее во Чикаго, САД, а пак текстот го напишала заедно со сестра и Калина Нешкоска и нејзината колешка Алис Шредер.
Продукцијата и аранжманот е на Невена, Лазар Цветковски и Дарко Димитров, додека видео спотот за песната го режираше Милена Витман, а продуцент на истиот е Јелмаз Девриши.
Иако на конкурсот пристигнале околу 250 песни, ,,You” од прва му се допаднала на Васил и на целиот тим кој што се подготвува за Евровизија. Во брз ритам е, има етно елементи, и како што изјави Гарванлиев, таа е покана за танц за која што верува дека ќе им се допадне на сите.
Но, набргу по промоцијата која се случи на МТВ синоќа, започнаа критиките од јавноста на социјалните мрежи. Додека за некои изведбата на Васил била пријатно изненадување, со оглед на тоа што тој долги години живееше надвор од Македонија и по враќањето во земјава е релативно ново име на естрадата и покрај големото музичко искуство кое го има, еден од најчестите коментари е – Каде е рефренот?
Имено, голем дел од јавноста реагира дека песната нема некој впечатлив рефрен по кој ќе биде запаметена. Чести се и предвидувањата дека Васил нема да може да го повтори минатогодишниот успех на Тамара Тодевска, бидејќи песната едноставно не е доволно моќна.
За само неколку часа по промоцијата, и евровизиската песна успеа да ја подели македонската јавност на оние кои се задоволни од комплетниот производ и на оние кои сметаат дека ова е уште едно евровизиско промашување.
Дали имаме хит кој ќе ни донесе висок пласман на Евровизија или пак уште една песна која бргу ќе падне во заборав, останува да се види на првата полуфинална вечер, на 12-ти мај.
Финалето ќе се одржи на 16-ти мај.
Поради коронавирусот светските медиуми пишуваат дека се разгледуваат повеќе опции во врска со одржувањето на Евровизија, во зависност од развојот на ситуацијата, а една од варијантите е дека можеби учесниците на Евровизија ќе настапат во своите земји, преку видео линк.
Според последните официјални информации, до вчера во Холандија, земјата домаќин на настанот, биле потврдени 265 позитивни случаеви, а три лица починале.
Вики Клинчарова