И на денешната седница на Советот на јавните обвинители не беше избран шеф на скопското Вишо обвинителство. Изборот се одложи бидејќи на седницата не присуствуваше републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кој претседателот Антонио Јолевски рече дека е болен и е задржан на лекување.
Во трка останаа двајца обвинители, односно актуелниот шеф Мустафа Хајрулахи и вишиот обвинител Бурим Рустеми, откако во петокот, ненадејно и без образложение, кандидатурата ја повлече обвинителката Фатиме Фетаи.
Изборот за шеф на вишото обвинителство требаше да се случи во понеделникот, но се одложи за следниот понеделник, односно за денеска. Официјалната причина за одложувањето беше дека на членовите на Советот на јавните обвинители им било потребно уште време да ги разгледаат досиејата и оценките на кандидатите.
Денеска не се избра ниту шеф на Вишото обвинителство во Гостивар, како и шефови на обвинителствата во Велес, Битола, Гостивар, Кавадарци и Куманово. Беа поставени само вд шефови.
Во конкуренција за Гостивар се Фаик Арслани, кој неодамна си поднесе оставка од Советот на јавните обвинители, каде што беше член, и обвинителките Деса Пауновска и Душица Димитриевска.
Валентина Вурмо