И демократите и републиканците стравуваат од политички мотивирано насилство на изборите

by Fokus

Големо мнозинство претставници од Демократската и Републиканската партија е загрижено од опасноста од политички мотивирано насилство на изборите идната недела во САД, се дознава од најновата анкета на Вашингтон пост и Еј-би-си њуз.

Речиси девет од десет Американци или 88 отсто, се загрижени дека политичките поделби се зголемени до такво ниво што постои зголемен ризик за политички мотивирано насилство во САД, вклучувајќи шест од десет испитаници кои се „многу загрижени”.

Од анкетата се дознава и дека повеќе Американци ја обвинуваат Републиканската партија за ризик од насилство.

Анкетата е спроведена во неделата по провалувањето во домот на спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, кога нејзиниот сопруг Пол беше нападнат од насилник со чекан. Сопругот на Пелоси сега е хоспитализиран. Нападот беше инспириран од настаните на 6 јануари 2021 година кога тогашниот претседател Доналд Трамп, републиканец, повика толпа негови поддржувачи да ја спречат регистрацијата на резултатите од претседателските избори што тогаш се одвиваше во Конгресот. Толпата потоа насилно упадна во американскиот Капитол.

Во средата, и актуелниот претседател Џо Бајден ги повика Американците да ги почитуваат основите на демократијата и да ги прифатат резултатите од изборите без да посегаат по насилство.

Во САД, безбедносните агенции се спремни да дејствуваат во случај на загрозување на процесот на гласањето. Федералното биро за истраги предупреди за зголемена можност од насилство од домашни екстремисти во трите месеци по изборите.

Според анкетата, 95 отсто од демократите, 87 отсто од републиканците и 86 отсто од независните се донекаде загрижени од зголемен ризик од политички мотивирано насилство. Три четвртини од демократите, 61 отсто од независните и 56 отсто од републиканците се мошне загрижени.

Поврзани новости