Секојдневно се зголемува притисокот врз Христијан Мицкоски да поднесе оставка на лидерската позиција во ВМРО-ДПМНЕ и да се закаже вонреден конгрес на партијата. Денеска тоа го направија дел од членовите на Општинскиот комитет на Карпош.
„Вистината е дека во Карпош освоивме мал број гласови, речиси 5.000 гласа помалку од минатите парламентарни избори. Вистината е дека Мицкоски загуби во неговиот матичен општински комитет. Вистината е дека Мицкоски загуби и во неговиот месен комитет и на неговото избирачко место. Мицкоски загуби меѓу граѓаните кои најдобро го познаваат“, рече Сашо Лазаревски.
Според него, „вината за изборниот пораз има точно име, презиме и адреса. Тоа е Христијан Мицкоски и неговото раководството“.
Другиот дел од Општинскиот комитет ги отфрли ваквите барања. Според објавата на Фејсбук, ОК одржал седница во проширен состав и оние што бараат вонреден конгрес, според усвоениот речник од врвот на партијата, беа наречени „Мериот и хотелска коалиција“. Раководството вели дека Сашо Лазаревски е кум на Никола Тодоров и дека заедно работат за слабеење на ВМРО-ДПМНЕ и за помош на „неспособната влада на Зоран Заев“. Потоа, се наведува дека се оградуваат од нивните барања и тврдат дека „речиси сите зад говорникот или никогаш не биле или не се членови откако ВМРО-ДПМНЕ е опозиција“.