Се уште не е докрај јасно дали Хаки Азири и Фејзи Азири, двајцата осудени за случајот ,,Монструм” ќе се најдат на конечната листа на затвореници кои ќе бидат опфатени со новиот Закон за амнестија, кој е во процедура.
Кривичното дело за кое се осудени, член 365 -,,Помагање на сторител по извршено кривично дело” не е меѓу посочените дела за кои не важи амнестијата, поради што и првично се сфаќа дека и тие ќе ја имаат привилегијата да им се скрати казната за 30%.
Делата за кои нема да има амнестија се децидно наведени во предлог законот:
-казна доживотен затвор;
-за кривично дело ,,Убиство‘‘ од член 123 од Кривичниот законик;
-за кривични дела против изборите и гласањето од членовите од 158 до 165-в од Кривичниот законик;
-за кривични дела против половата слобода и половиот морал од членовите од 186 до 194 од Кривичниот законик;
-за кривично дело „Разбојништво“ од член 237 став (5) од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Разбојничка кражба„ од член 238 став (5) од Кривичниот законик;
-за кривични дела против државата од членовите од 305 до 327 од Кривичниот законик;
-за кривични дела против јавниот ред од членовите од 394 до 394-г од Кривичниот законик;
-за кривични дела против човечноста и меѓународното право од членовите од 403 до 418-а и од 418-в до 422 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Измама на штета на средства на Европската Унија“ од член 249-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Перење пари и други приноси од казниво дело“ од член 273 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Несовесно работење во службата“ од член 353-в од Кривичниот законик,
– за кривично дело „Примање поткуп“ од член 357 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Давање поткуп“ од член 358 од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Давање награда за противзаконито влијание“ од член 358-а од Кривичниот законик;
– за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ од член 359 од Кривичниот законик и
-за кривични дела сторени при вршење на семејно насилство и родово-базирано насилство.
Но сепак дел од правниците велат дека не треба да се заборави основното кривично дело во ,,Монструм”, за што на доживотен затвор се осудени тројца, а тоа е ,,Тероризам”, за кое пак нема амнестија. Затоа, појаснуваат, дека делото на Азири не треба да се гледа изолирано, туку во контекст на основното дело.
За адвоктите на осудените пак нема дилема. Според нив роднините Азири треба да излезат на слобода по изгласување на законското решение.
Но без разлика дали законот ќе важи и за нив, Хаки Азири за неколку месеци ќе биде на слобода. Тој беше осуден на 9 годишна казна затвор, а досега има одлежано над 8 години. Поточно, во казната му се засметува времето кое го помина во притвор и тоа од мај 2012 до декември 2017 година и од февруари 2021 година па се досега, кога е на издржување на казната. Или според нашите пресметки, тој веќе 8 годинини два месеци е зад решетки што значи дека набрзо ќе излезе.
Неговиот вујко, пак, Фејзи, ќе треба да помине уште некоја година во затвор, бидејќи тој беше осуден на 15 години.
Денеска, пак, премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на пратеничко прашање истакна дека штом законот ќе влезе во собраниска процедура, пратеничката група на СДСМ ќе поднесе амандман со кој осудените за ,,Монструм” ќе бидат исклучени од можноста за амнестија.
Петкратното убиство кај Смиљковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, кога беа убени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски.
Валентина Вурмо