Американскиот претседателот Доналд Трамп доживеа уште еден судски пораз во неговиот обид да го поништи гласањето на изборите во неколку клучни држави, откако федералниот апелациски суд на Висконсин ја отфрли тужбата со која се бараше поништување на околу 21 000 гласови во оваа држава, со колку што победи Џозеф Бајден.
Тричлениот судиски совет со седиште во Чикаго едногласно ги отфрли аргументите на адвокатите на Трамп дека Изборната комисија во Висконсин го прекршила Уставот на САД преку чекори поттикнати од пандемијата од коронавирусот, како што се олеснувања при идентификацијата и дозволувањето да се користат кутии каде се ставаа ливчињата при предвременото гласање.
Како што објави порталот Политико, сите судии на апелацискиот суд кои одлучуваа вчера се назначени од Републиканската партија, а потписникот на мислењето на судот, судијата Мајкл Скадер, е назначен токму од Трамп.
Скадер рече дека изборните измени во Висконсин не го кршат Уставот во делот дека државните законодавни тела го одредуваат начинот на избор. Тој исто така укажа дека Трамп требало да реагира на ова пред, а не по изборите.
„Претседателот имаше целосна можност пред изборите да укаже на овие предизвици во законот во Висконсин. Но тој не го направи тоа тогаш и сега не е можно откако резултатите од изборите се потврдени како конечни, со оглед на тоа што Комисијата пред изборите ги објаави насоките што тој сега ги предизвикува“,
напиша судијата во одлуката.
Федералниот апелационен суд во мислењето укажува дека не е негова обврска да ги спроведува деталите на државниот закон, туку да осигура дека се почитува основната рамка што ја одобри законодавниот дом на државата.
Поразот на Трамп вчера се случува во време на исчекување на одлуката на Врховниот суд во врска со последната тужба на Трамп за сличен случај во Пенсилванија. Адвокатите на Трамп побараа од високиот суд да им наложи на официјалните лица во оваа држава да донесат одлука до среда напладне, но судот не презеде ништо, поради празниците и продолжениот викенд што следи.