После искреното добредојде од колегите од Албанија, ја започнуваме работната вечера на „Отворен Балкан“, заедно со претседателот Вучиќ и со нашиот домаќин, премиерот Рама. Утре продолжуваме со работната агенда, на којашто ќе потпишеме повеќе договори за реални придобивки и добробит на нашите народи, напиша премиерот Зоран Заев во објава на Фејсбук, во пресрет на утрешниот седми состанок во рамки на иницијативата „Отворен Бакан“.
Македонската и српската делегација, предводени од Заев, односно претседателот Алекандар Вучиќ, вечерва во Елбасан беа пречекани од домаќинот, албанскиот премиер Еди Рама и вицепремерот Арбен Ахметај и министри од владата. Делегациите, особено српската, во Fish City пристигнаа под силно полициско обезбедување. Големи полициски сили има на поширокото подрачје околу објектот, каде е неформалната вечера.
Според Ора њуз, на вечерата присуствувал и Александар Сорос, син на милјардерот Џорџ Сорос, кој е голем пријател на Рама. Тој во Елбасан пристигнал со приватен автомобил.
Во македонската делегација, што ја предводи Заев, се замениците министри за финансии Димитар Ковачевски и за земјоделство Трајан Димковски, како и голем број стопанственици.
-Од првата средба во Скопје во јули до првото потпишување на договорите коешто ќе се случи во Тирана, покажавме дека силната политичка волја може да се трансформира во брзо функционирање на нашите институции. Со тоа го потврдуваме нашиот капацитет како земји за спроведување брзи, ефикасни и напредни реформи и политики за регионална соработка, истакнува Заев.