По реакциите од ДУИ дека делегацијата од Македонија што одлета за Вашингтон е моноетничка и дека Албанците се избришани од НАТО, од ВРЕДИ информираа дека и претседателот на Собранието Африм Гаши утринава тргнал за Вашингтон.
За неговата намера да отпатува на НАТО самитот претходно немаше никаква информација, ниту пак е најавено дека е дел од официјалниот состав на државната делегација.
„На самитот на НАТО зема учество претседателот на Собранието, како претставник на ВРЕДИ. Колку што сум запознаен тој денеска изутрина патува таму, така што имаме претставник на ВРЕДИ, кој е претставник на самитот на НАТО во Вашингтон“, изјави Арбен Таравари од коалиција ВРЕДИ.
Гаши нема да учествува на самитот на НАТО како што вели Таравари, туку веројатно ќе учествува на Парламентарното собрание на НАТО, кое ќе се одржи на маргините на самитот на претседателите на држави и влади, исто така во Вашингтон.