И АЕК има своја Бесмира Ејупи

by Fokus

Во Агенцијата за електронски комуникации, во моментов има околу 140 вработени во различни сектори, а најмногу доминира бројот на раководители и советници. Поточно, секој е советник за нешто. Тоа може да се забележи и на официјалната страница на оваа институција, каде што се објавени сите имиња на вработените и кој какви работни обврски извршува.

Според имињата што можат да се забележат, слободно може да се констатира дека и двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како и нивниот досегашен коалициски партнер – ДУИ, во зависност од тоа кој е на власт, успеале во оваа институција да вработат дел од своите блиски роднини, па сѐ до партиски активисти.

За некои од нив специјално се правела нова систематизација, додека, пак, за други се менувале огласи и се подредувале според струката и дипломите што ги поседувале.

Списоците покажуваат дека Агенцијата за електронски комуникации е „дом“ на сопруги на министри, новинари, родители, кумови…Платите на вработените се движат од 50 до 90 илјади денари, во зависност од тоа на која работна позиција се поставени.

Според документите со кои располагаме, на списокот официјално можат да се најдат шест советници на актуелниот директор на Агенцијата за електронски комуникации, Јетон Акику. Се работи за 11 советнички места, но половина се празни, со оглед на тоа што, според нашите информации, половина од нив веќе си дале откази.

Во моментов е распишан оглас за уште двајца нови советници.

Акику доаѓа од редовите на „интегративците“ и е зет за ќерка на поранешниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта, кој стана член на Централното претседателство на ДУИ, откако се приклучи на таканаречената „огнена група“.

Мандатот на неговиот зет во АЕК трае пет години. Во неговиот тим, како негови лични советници, може да се најде и името на Сања Димитриевска, која во АЕК влегува пред пет години, поточно во 2017 година, како советник за човечки ресурси и меѓународна соработка на тогашниот директор Сашо Димитријоски.

Дополнително, документите покажуваат дека таа претходно работела во канцеларијата на претседателот на Владата, во време на Никола Груевски, исто како советник, но за следење и реализација. Од таму, таа, без јавен оглас, преку трајно преземање, оди во Агенцијата за електронски комуникации, на чие место останува до денес.

Притоа, за само еден ден се завршува постапката за нејзиното целосно преземање, нешто слично на случајот со Бесмира Ејупи, која „скока“ од функција на функција.

Учесниците во оваа спогодба се согласија вработената Сања Димитриевска, работниот однос во канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија да престане заклучно со 31 мај, 2017 година, а во Агенција за електронски комуникации да се вработи на 1 јуни, 2017 година“, се наведува во направената спогодба.

Одредени неофицијални информации говорат дека таа била еден од најблиските соработници на Груевски. Сепак, ова не биле нејзини единствени функции, со оглед дека една година порано, поточно во 2016 година, таа била и државен секретар во Министерството за внатрешни работи, каде што работела до 23 мај, 2017 година, а веќе следниот ден веднаш е преземена како советник кај Груевски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Ирена Мулачка

 

Поврзани новости