Пишува: Ирена МУЛАЧКА
„Татко ми го погребавме, а ни стигна термин за пет скен“. Ова е само еден случај во низата, кога пациентите жртви на подмолното заболување – карцином битка водат и со болеста, но и со здравствениот систем да преживеат.
Тежок збор е да се употреби, но многу пациенти веќе починаа додека чекаат терапии на скопската Клиника за онкологија, кои ги нема дури и по пет недели. Што да прави болниот чиј живот зависи од таа терапија? Да седи и да ги одбројува деновите…
Помина повеќе од една година откако „пукна“ скандалот Онкологија и откако „Фокус“ во детали ги изнесе сите морбидни случувања на клиниката, која треба да им ја даде последната шанса за живот на болните.
Тие и така водат борба со една од најтешките болести, која реално стана епидемија, ама системот, власта без разлика која и да е и фармацевтските компании им го одземаат и тоа право – правото на живот.
И, ај сега нека излезат и нека објаснат што се случува. Зошто повторно нема терапии, зошто пациентите меѓу кои и доста млади повеќе од еден месец се молат да им заѕвони телефонот и да ги известат дека е обезбедена неопходната терапија, која живот значи. Клиниката нема доволно пари, па нека излезе новиот директор и нека каже – кои се главните причини, како да се изнајде решение, што е проблемот…Оти, верувајте работата е скроз отидена.
Не можам да поверувам дека во 21 век ние се уште дебатираме за набавка на терапија на болните со карцином, дека со месеци се чекаат термини за пет скен, за компјутерска томографија, за снимање, биопсии, за сите видови на скриниг. Црвениот аларм е вклучен одамна, но очигледно за џабе.
Веќе не можам да сфатам што уште треба да се случи за некој да помисли на овие пациенти и што се тие поминуваат низ животот, на нивните деца и на болката која сите ја делат како семејство.
Ужасно е да размислуваме дека емпатијата повеќе не постои, дека дел од белите мантили се „оперирани“ од тој збор, дека ја заборавиле Хипократовата заклетва. Тие се тука за пациентите и мора да бидат тука за нив. Тоа е нивна обврска и должност. Да не зборуваме за човечкиот аспект, кој мора да го имаат. Значи, мора!
Факт е дека докторите и медицинскиот персонал со текот на годините се навикнуваат на работата која ја работат и не може лично да ги погодува болката на пациентите, но тоа не значи дека треба да се однесуваат како спрема кукли.
Пред неколку денови, на изненадување на сите скопското обвинителство излезе со информации дека се потврдени сомнежите за несоодветно лекувани пациенти на скопска Онкологија за што покажале вештачењата во Србија, а во јануари се чекаат и од Словенија. Мала, но сепак значајна победа.
Значи, секој еден мора да одговара за тоа што си поиграл со животите на најтешко болните. Без разлика за кои лекари станува збор, за кои медицински сестри, болничари или технички персонал…Не може ваква здравствена афера да заврши во обвинителските фиоки, а болните да се молат за терапија.
И на крај, да се разбереме. Болните се на прво место, нивниот живот е приоритет. И сфатете го тоа еднаш засекогаш. Дали сте свесни дека им ја одземате и последната шанса за живот на онколошките пациенти?