Пожарот кој вчера претпладне избувна во магацин на фабрика за бои и лакови во тетовското село Фалише е сè уште активен, и покрај интервенцијата на противпожарните екипи кои гаснеле цела ноќ, информираше утрово директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
„Пожарот во тетовското село Фалише е сè уште активен. Иако со значително намален обем сè уште има пламен и чад. Тетовските пожарникари гаснеа непрекинато во текот на целата ноќ и продолжуваат со гаснење“, вели Ангелов.
Според него, се очекува пожарот целосно да биде изгаснат во наредните неколку часа.
Пожарот во фабриката избувна вчера околу 10:30 часот, а од снимките кои беа објавени може да се видат густ црн чад и пламен како излегуваат од објектот на магацинот, во кој изгореа голема количина на бои, лакови и други хемикалии.