Јеменските Хути киднапирале товарен брод во јужниот дел на Црвеното Море додека пловел од Турција кон Индија, а според првичните информации на него има членови на екипажот од Балканот.
Израел денеска негираше дека на бродот имало негови граѓани, но изјавија дека зад киднапирањето стои „ирански тероризам“.
Кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху објави соопштение во кое го обвини Иран за инцидентот.
Според нив, станува збор за британски брод што го користи јапонска компанија.
Се наведува и дека на бродот има 25 членови на екипажот, меѓу кои има државјани на Бугарија, Украина, Филипини и Мексико.
„Ова е уште еден чин на ирански тероризам кој изразува чекор напред во иранската агресија против граѓаните на слободниот свет и создава меѓународни импликации кога станува збор за безбедноста на глобалните бродски рути“, се додава во соопштението.
Некои медиуми на арапски јазик претходно објавија дека на бродот имало повеќе од 50 членови на екипажот, како и дека бродот патувал под бахамското знаме. Тие наведоа и дека бродот е делумно во сопственост на израелскиот тајкун Абрахам Унгар и дека неодамна бил изнајмен од јапонска компанија.
Хутите претходно најавија дека „ќе ги нападнат сите бродови во Црвеното Море кои се поврзани со Израел“.