Јеменската бунтовничка група Хути денеска објави дека ќе одговорат на американските и британските воздушни напади.
Во вториот бран воздушни напади извршени од авиони на САД и Велика Британија, беа погодени 36 цели на 13 локации на јеменските бунтовници Хути. Во нападот учествуваа американски борбени авиони Ф/А-18 од носачот на авиони УСС Двајт Д. Ајзенхауер, британските борбени авиони „Тајфун ФГР4“ и разурнувачите на американската морнарица УСС Гравели и УСС Карни, кои истрелаа ракети „Томахавк“ од Црвеното Море, објавија министерствата за одбрана на САД и Велика Британија.
Централната команда на американската армија синоќа соопшти дека е успешно уништена противбродска крстосувачка ракета која била подготвена за лансирање на бродови во Црвеното Море.
Членот на Врховниот политички совет на јеменската милитантна група Хути, Мухамед Али Ал Хути, денеска изјави дека ако Америка одлучи да го нападне Јемен по копно, ќе се соочи со сурови лекции полоши од Виетнам.
Тој посочи дека западните медиуми го усвојуваат американскиот наратив за настаните во Црвеното Море и дека целта на тоа е американскиот обид да го демонизира јеменскиот народ со овие средства.
– Американците и Британците се ѓаволи кои одбиваат да го запрат геноцидот во Газа и да ја кренат опсадата на Палестина, барајќи заедно со Израел да го милитаризираат Црвеното Море и да продолжат со ескалацијата и агресијата врз Јемен. Ако Америка и Британија решат да го нападнат Јемен по копно, ќе се соочат со тешки лекции уште полоши од оние со кои се соочија во Виетнам, Авганистан и Ирак – изјави претставникот на Хутите.
Тој порача дека народот на Јемен ја сака слободата и има многу опции за „да им нанесе стратешки пораз на Американците во регионот“.