Властa на Хутите во Јемен нареди американскиот и британскиот персонал на Обединетите нации и хуманитарните организации кои работат во Сана да ја напуштат земјата во рок од еден месец. Одлуката е донесена по нападите на САД и Велика Британија, со помош на други земји, врз воени цели на проиранска група која ги напаѓа трговските бродови во Црвеното Море, за кои тврди дека се поврзани со Израел.
Американската влада минатата недела ги врати Хутите на листата на терористички групи како дел од напорите на Вашингтон да ги запре нападите врз бродови во Црвеното Море. Хутите рекоа дека ги напаѓаат бродовите за да покажат солидарност со Палестинците додека Израел го бомбардираше Појасот Газа.
„Министерството сака да нагласи дека мора да ги информирате службениците и вработените со американско и британско државјанство да се подготват да ја напуштат земјата во рок од 30 дена“, се вели во писмото испратено од Министерството за надворешни работи на Хутите до Питер Хокинс, заменик координатор за хуманитарна помош на ОН во Јемен.
Во писмото, исто така, се наредува странските организации да не ангажираат американски и британски државјани да работат во Јемен.
Портпаролот на Хутите, Мухамед Абдулсалам ја потврди автентичноста на писмото за Ројтерс. Канцеларијата на заменик-координаторот Хокинс, и самиот британски државјанин, не одговори на барањето за коментар.