Со цел да се излезе во пресрет на децата од семејства од ранливи категории на подрачјето на Гостивар, Хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ финансиски ќе помогне во покривањето на трошоците за еднодневните екскурзии кои ги организираат училиштата.
Субвенциите се наменети за неколку категории социјални загрозени семејства: корисници на правото на гарантирана минимална помош, на правото на детски додаток и на правото за посебен додаток, како и деца на самохрани родители.
Сите детали за условите и аплицирањето може да се погледнат во јавниот повик го пренесуваме во целост:
JАВЕН ПОВИК
ОД ХУМАНИТАРНОТО ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „ДР. ТРАЈЧЕ НЕШКОВСКИ“ ГОСТИВАР
за доделување на субвенции на ученици во основните училишта на територија на општина Гостивар, деца на социјално загрозени семејства, за покривање на трошоците за еднодневните екскурзии организирани од училиштата за учебната 2023-2024 година
1. Цел на јавниот повик
1.1. Предмет на јавниот повик е доделување на субвенции на ученици во основните училишта на територија на општина Гостивар, деца на социјално загрозени семејства, за покривање на трошоците за еднодневните екскурзии организирани од училиштата за учебната 2023-2024 година.
Целта на хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ Гостивар е да го спречи оптоварувањето на семејниот буџет на овие категории на граѓани и децата да можат да се чувствуваат еднакви без оглед на социјалниот статус на семејствата. Учеството во ваквите настани кои имаат едукативен и социјален карактер се од особено значење за сите ученици.;
1.2. Јавниот повик почнува од денот на објавување и ќе трае во текот на учебната 2023-2024 година, во согласност со динамиката и планираните екскурзии од училишните управи;
1.3. Средствата што Хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ Гостивар ќе ги обезбеди се во висина на вредноста на екскурзијата за секој ученик поединечно и тие ќе бидат префрлени на сметката на агенциите кои ќе ги реализираат екскурзиите;
2. Право на учество на Јавниот повик
2.1 Право на учество на Јавниот повик имаат учениците (преку родители/старатели) запишани во основните училишта на територија на општина Гостивар, кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, ги исполнуваат условите од Јавниот повик и навремено ја доставиле потребната документација.
3. Услови што треба да ги исполни барателот:
– Ученикот да е запишан во некое од основните училишта на територија на општина Гостивар и да припаѓа на социјално загрозено семејство:
– корисници на правото на гарантирана минимална помош;
– корисници на правото на детски додаток;
– корисници на правото за посебен додаток;
– деца на самохрани родители;
4. Начин на пријавување и потребна документација за учество на Јавниот повик
4.1. За надоместување на трошоците за еднодневна екскурзија во основно училиште, барателот е должен да ја поднесе следната документација:
-Доказ дека детето е запишано во основно училиште на територија на општина Гостивар;
-Доказ дека припаѓа на една од социјално загрозените категории:
-Нотарски заверена Изјава на родителот дека е согласен со личните податоци на детето да располага здружението, само заради докажување на условите кои се потребни за да се прифати барањето за надомест на трошоците за еднодневна екскурзија;
Сите родители кои се заинтересирани да аплицираат на јавниот повик објавен од хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ Гостивар, да ги достават потребните документи во скенирана форма на електронската адреса на здружението: humanitarno_dr.trajceneshkovski@yahoo.com, со назнака Апликација за Јавен повик или да достават Известување дека сакаат да аплицираат на повикот.
Хуманитарното здружение на граѓани „Др. Трајче Нешковски“ Гостивар ги извести градоначалникот општина Гостивар и Секторот за образование при општината за оваа инцијатива.