Спортистите се попопуларни од политичарите и затоа треба да бидат одговорни во своето поведение, не само на спортските терени, туку и надвор од нив, бидејќи се пример за младите генерации. Како пропадна идејата на светскиот тениски ас за регионален хуманитарен турнир во време на светска пандемија?
Пишува: Јорданчо ЦВЕТАНОСКИ
Корона вирусот веќе неколку месеци го „дрма“ целиот свет, кој сѐ уште не може целосно да застане на здрави нозе од ненадејниот удар. Земјите трпат огромни штети, а сите сфери во општеството се погодени. Не беше поштеден ни спортот, кој меѓу првите ги почувствува негативните ефекти на непредвидливата светска пандемија.
Експлозијата на зараза во Италија дојде токму преку натпреварот меѓу Аталанта и Валенсија во Милано, на кој огромен дел од навивачите биле заразени и го рашириле вирусот низ „Чизмата“. По кратко време почнаа да се ставаат „катанци“ и на спортските настани ширум светот. Со тој настан, се покажа дека спортот има две лица – за обединување на сите, но и за ширење на заразата, која зад себе остава пустош од невидени размери.
ПОЧНАА НАТПРЕВАРИ, НО БЕЗ ПУБЛИКА
Фановите беа во тримесечен „пост“ од секаков вид спортски настани во најголемиот дел од Европа и со душа чекаа повторно да се вратат на спортските трибини. И конечно, по речиси три месеци, од почетокот на март, спортот почна да покажува знаци на живот дека, сепак, сезоната не е загубена. Но, без навивачи на трибините, затоа што натпреварувачката сезона мора да се заврши.
Германската Бундес лига беше првата што реши да го „скрши мразот“ и ги врати фудбалерите на терен на 16 мај, а потоа следуваше и продолжување на сите најдобри првенства ширум стариот континент. Само фудбалската лига во Данска беше една од ретките каде што може да „присуствуваат“ навивачи преку платформата за видеокомуникации Зум.
Некогашниот фудбалер на Ренова и Шкендија, Изаир Емини, кој настапува во Косово, беше првиот македонски интернационалец кој беше позитивен на Ковид – 19. Во објавата на клубот каде што тој настапува, Дрита, се вели дека тој немал никакви симптоми и се чувствувал добро.
И покрај тоа што одамна сезоната е прекината, во Северна Македонија со голем шок се прими информацијата дека шест фудбалери од Шкендија и Ренова се позитивни на вирусот. Синдикатот на фудбалери го организираше тоа масовно тестирање на сите лица од фудбалските екипи, а првите загрижувачки информации дојдоа од Тетово.
Шефовите на Формула 1, на 2 јуни го потврдија европскиот дел од сезоната за 2020 година, со вкупно 8 трки низ целиот континент. Ќе се стартува со две трки во Австрија на 5 и на 12 јули, а доколку сѐ тече според планот, ќе следи и трета трка во Будимпешта на 19 јули. Подоцна, Шпанија и Белгија ќе бидат домаќини на трките на 16, односно 30 август.
КАКО ПРОПАДНА ЕДНА УБАВА ИДЕЈА?
Иако беа откажани најголемите турнири во тенисот, сепак, светскиот рекет број еден Новак Ѓоковиќ неодамна се одлучи да организира хуманитарен турнир Адриа, иако пандемијата сѐ уште не беше спласната. Идејата беше да се организира турнир во три земји, во четири града (Белград, Бања Лука, Сараево и Задар), за да се добие четиринеделен првокласен тенис, во кој ќе се натпреваруваат 13 тениски асови.
Таквиот настан си го зеде данокот – еден куп тенисерски имиња се позитивни по претходните журки кои ги направија во Белград, а на тениските мечеви присуствуваше публика без соодветна заштита.
Како позитивни на корона вирусот „излегоа“ Ѓоковиќ и неговата сопруга Јелена, неговиот кондициски тренер, неговиот тренер Горан Иванишевиќ, бугарскиот тенисер Григор Димитров, неговиот тренер, Виктор Троицки и Борна Ќориќ.
По таквиот развој на настаните, светските медиуми удрија жестоко по Ѓоковиќ обвинувајќи го за неодговорност, но и многу спортски имиња не беа нежни со српскиот тенисер.
Некогашниот најдобар тенисер Илие Настасе упати силни критики кон најдобриот тенисер.
„Новак знаеше многу добро каков ризик презема со организирањето ваков турнир. Тој мислеше дека сите се глупави. Оние што не ги следат правилата, заслужуваат да ја платат цената за тоа. Што му требаше на Ѓоковиќ организацијата на овој турнир, зарем нема доволно пари?“, се прашува Настасе.
По ова следуваа низа препукувања на релација Ѓоковиќ-Димитров поради тоа кој е виновен за таквата ситуација. Таткото на Ѓоковиќ, Срѓан смета дека бугарскиот тенисер Григор Димитров дошол болен на турнирот и тој е виновен за ваквата ситуација.
„Човекот веројатно дојде болен, којзнае од каде. Мислам дека тоа не е во ред. Им нанесе голема штета и на Хрватска и на Србија, но, и нам како семејство“, порача Срѓан Ѓоковиќ.
Имаше и голем број јавни личности кои застанаа во одбрана на Ѓоковиќ, меѓу кои и хрватската писателка Ведрана Рудан, која напиша дека Ѓоковиќ и екипата имале прекрасен план.
„За жал, проектот пропадна. Го уништи короната. Сите светски медиуми на кои лоша вест секогаш им е брејкинг њуз ја искористија шансата да му се сипат на Ѓоковиќ. Ништо неочекувано. На секој голем меч на Ѓоковиќ се чувствува омразата, која во негов правец ја повраќаат „белците“, додаде Рудан и праша „дали сега треба да се распне Ѓоковиќ“.
Францускиот тенисер Жил Симон порача дека само Ѓоковиќ се обвинува поради целиот настанат хаос.
„Новак е многу интелигентен. Многу е тешко да се изјасните за последиците бидејќи се е политика. Тој сега им даде можност да го „истепаат“ во медиумите со секакви обвинувања и тие нема да ја пропуштат таа шанса“, истакна Симон.
Со свој став се произнесе и самиот Новак Ѓоковиќ, кој рече дека се надева дека на никој од заразените нема да му биде влошена состојбата.
„Го организиравме турнирот во време кога вирусот слабееше. Многу ми е жал за секој поединечен случај на инфекција. Се надевам дека нема да се зголеми бројот на заразени лице и дека ниту една здравствена состојба нема да биде комплицирана. Верувам дека сите ќе бидат добри“, рече Ѓоковиќ.
Српската премиерка Ана Брнабиќ застана на страната на најдобриот тенисер во светот, преземајќи дел од вината.
„Сакам да му дадам целосна поддршка. Тој сакаше да направи нешто добро за сите нас, не само во Србија. Сакаше да помогне, да собере пари. Оставете го човекот, тоа е моја одговорност“, рече Брнабиќ.
Освен заразата, која би можела да се рашири низ Јадранот поради ваквиот непромислен потег на тенисерот, во прашање се доведуваат и останатите тениски турнири и овојпат организаторите ќе треба двапати да размислат пред да сторат такво нешто.
ЃОКОВИЌ НА СУД ПОРАДИ ТУРНИРОТ?
Новак Ѓоковиќ би можел да се најде во сериозни проблеми поради организација на „Адрија Тур“. Како што пишува швајцарскиот весник „Блик“, против Ѓоковиќ можно е да биде поднесена тужба за индиректно нанесување штета на луѓето.
„Ако се утврди дека биле оштетени луѓе затоа што правилата за хигиена очигледно не биле запазени, на Ѓоковиќ му се заканува тужба како коорганизатор“, пишува во весникот.
Македонскиот аналитичар и добар познавач на спортот, Иван Анастасовски, во разговор за „Фокус“ смета дека спортистите во никој случај не смеат да си дозволат такво однесување вон теренот.
„Турнирот беше организиран да го охрабри Балканот од пандемијата Ковид-19. Но, имаше прослава на спортистите во некој од рестораните во Белград каде што не се почитуваа мерките и се забавуваа како во нормални услови. Силно верувам дека тоа резултираше со нови позитивни на вирусот“, вели Анастасовски.
Тој додава дека организаторот на турнирот имал серија пропусти при организација на делот каде што е присутна публиката и со тоа се загрозило здравјето на луѓето, додавајќи дека мора да има одговорност.
„Спортот настанал како хумана активност, која во себе содржи воспитно-педагошка компонента, која е својствена на спортот. Токму поради тоа, сведоци сме денес дека во спортот се преземаат многубројни превентивно-едукативни кампањи за подигање на јавната свест“, додаде Анастасовски.
Сепак, додаде Анастасовски, однесувањето на спортистите надвор од теренот не е коректно.
„Тенисот спаѓа во сигурни спортови за време на пандемија, но критиките се големи за спортистите поради односот надвор од теренот. Вистинските љубители на спортот секогаш будно го следат однесувањето на спортистите, додека голем број се идентификуваат со своите спортски идоли и нивното однесување го третираат како релевантно и се водат според тоа“, анализира нашиот соговорник.
СПОРТИСТИТЕ ТРЕБА ДА СЕ ПРИМЕР ЗА МЛАДИТЕ
И долгогодишниот спортски новинар Атанас Костовски смета дека спортистите треба да бидат пример за младите и да внимаваат на нивните постапки.
„Спортистите треба да реагираат на добар начин во вистински момент. Тие се повеќе популарни од политичарите. Во случајот со Ковид-19, тие не треба тоа да го заборават – нивните однесувања стигнуваат повеќе отколку гласот и постапките на политичарите“, вели Костовски.
Нашиот сосед прерано се опуштил, иако пандемијата сѐ уште не била ослабена, вели тој.
„Србија сакаше да покаже дека е пред сите, во секој поглед. Таа еуфорија се вклопи без многу размислување во тимот на Ѓоковиќ. Сите негови хумани гестови беа заборавени за момент. Оваа хумана идеја, да се врати спортот, за жал, не помина на најдобар начин“, анализира нашиот соговорник.
Ситуацијата во која се најде популарниот спортски тениски ас Новак Ѓоковиќ покажува на најдобар начин дека спортистите во ниту еден момент не треба да заборават на строгите правила за спречување на ширењето на заразата од опасниот вирус и дека не смеат да се однесуваат арогантно, како да не ги допира она што е светски проблем.
ПРЕД ДА СЕ ВРАТАТ „ГОЛЕМИТЕ КЛУБОВИ“, ФУДБАЛ СЕ ИГРАШЕ ВО ЧЕТИРИ ЗЕМЈИ ВО СВЕТОТ
Затворањето на стадионите и привремен прекин на првенствата поради пандемијата на корона вирусот не беше случај за Белорусија, која храбро пркосеше на непознатата зараза. И покрај алармот на фудбалските асоцијации, оваа земја реши да си продолжи по свое, а имаше можност да присуствуваат и навивачи на трибините, затоа што во земјата не беа донесени мерки за забрана за собири.
Исто така, фудбал до последно се играше и во Данска и во Русија, но поради растот на бројот на заболени, сезоната во овие две земји беше одложена кон средината на март и продолжи на крајот на месец мај. Фудбал се играше, исто така, и во Никарагва.
Имаше и такви ситуации, кога и покрај големите очекувања, фудбалските првенства не можеа да се продолжат. Па така, фудбалот во Франција е суспендиран до септември, иако екипите се надеваа дека ќе се вратат на терените кон крајот на јуни.
Холандија не го дочека шампионот за оваа година, откако тамошните власти одлучија да нема крунисување на првак за оваа сезона и ја суспендираа кон крајот на април.
СЕЗОНАТА ВО МАКЕДОНСКИОТ ФУДБАЛ СУСПЕНДИРАНА – ВАРДАР ПРОГЛАСЕН ЗА ШАМПИОН
И во Северна Македонија беше ставен катанец на фудбалското првенство кон средината на март.
Иако на почетокот на месец јуни, Фудбалскиот сојуз на Македонија одлучи дека нема да се прогласи шампион за оваа натпреварувачка сезона, сепак, минатиот петок најголемата фудбалска организација пресече – Вардар е прогласен за шампион на првенството, Силекс ќе оди во Лигата на шампионите, а Шкендија, Ренова и Шкупи во Лига на Европа.
УКИНАТА ЗАБРАНАТА ЗА СПОРТСКИ НАТПРЕВАРИ
Владата на седница информираше дека се укинува забраната за било какви спортски натпревари поради пандемијата на корона вирусот во Северна Македонија.
„Прифатена е препораката на Комисијата за заразни болести федерациите да го отпочнат организирањето спортски настани со стриктно почитување на упатствата за натпревари без публика и на другите препораки кои се однесуваат на запазување на здравствената безбедност на играчите и останатите вклучени во натпреварите“, соопштија од Владата.