Војската на Соединетите Држави ја спроведе својата прва акција за хуиманитарна помош со падобрани во Газа во саботата, соопштија американските официјални лица, а хуманитарните агенции предупредија на растечка хуманитарна катастрофа во палестинската енклава додека Израел продолжува со својата офанзива.
Обединетите нации велат дека една четвртина од населението е на чекор од глад, а Палестинците објавија видеа на социјалните мрежи на кои се гледа како се фрлаат кутии со помош.
Американски официјален претставник изјави за Ројтерс дека воздушните испораки се случиле над југозападниот дел на Газа и градот Маваси.
Белата куќа соопшти дека падобраните со храна ќе бидат постојана акција и дека Израел ја поддржува операцијата. Критичарите велат дека падобраните имаат само ограничено влијание и речиси е невозможно да се осигура дека залихите нема да завршат во рацете на милитантите.
Со обновувањето на разговорите во Египет во недела, висок американски функционер рече дека рамката за договор за шестнеделен прекин на огнот е воспоставена, со израелскиот договор, и зависи од тоа што милитантната група Хамас ќе се согласи да ослободи заложници.
„Заложниците мора да бидат ослободени“, изјави функционерот за новинарите. „Договорот во основа е таму. Но, не сакам да создавам очекувања на еден или на друг начин“.
Американската потпретседателка Камала Харис во понеделник во Белата куќа ќе се сретне со членот на израелскиот воен кабинет Бени Ганц, изјави претставник на Белата куќа за Ројтерс.
Во Ерусалим, илјадници Израелци маршираа барајќи ослободување на заложниците што ги држи Хамас во Газа. Демонстрантите, предводени од семејствата на заложниците запленети за време на смртоносното дивеење на Хамас низ јужен Израел на 7 октомври, пристигнаа во градот на зајдисонце.
Во Газа, Министерството за здравство соопшти дека најмалку 11 Палестинци биле убиени кога израелски воздушен напад погодил шатор во Рафа, каде луѓето бараат засолниште од израелската воена офанзива.
Министерството соопшти дека уште 50 лица биле ранети во нападот покрај болницата во областа Тел Ал-Султан во Рафа. Еден од загинатите е лекар во болницата. Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар.
„Ударот погоди еден шатор, каде што луѓето се засолниле, директно, шрапнелите дојдоа во болницата каде што седевме јас и пријателите, само поради чудо преживеавме“, изјави сведок за Ројтерс по телефон од областа, не сакајќи да биде идентификуван.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили убиле осум милитанти во Кан Јунис, околу 20 милитанти во централниот дел на Појасот Газа и уште тројца во Римал, во близина на градот Газа.
Повеќе од еден милион Палестинци бараат засолниште во областа Рафа, бегајќи од израелската офанзива која опустоши голем дел од Газа, убивајќи повеќе од 30.000 луѓе, според здравствените власти на енклавата управувана од Хамас. (Ројтерс)