Семејството Лазаровски од Градиште, Општина Куманово, кое со пет малолетни деца преживува без елементарни услови за живот, ќе добие достоинствен дом.
Ова го открива штипскиот хуманитарец Александар Ѓоргиевски од здружението ,,Подај рака, спаси живот”, кој пред неколку недели беше во посета на фамилијата.
Видно вознемирен од сликите кои ги затекнал таму, тој тогаш за ,,Фокус” изјави дека одел насекаде низ земјава и помагал на социјално загрозени семејства, но таква сиромаштија не видел никаде.
Сега, хуманитарецот објави дека пред неколку дена се сретнал со кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски, а поводот бил како да се најде начин да му се помогне на семејството и петте деца.
-Сакам да ја информирам македонската јавност дека заеднички донесовме одлука дефинитивно на оваа фамилија ќе и се гради нов дом. Мојата хуманитарна организација неколку фирми, преставник од фамилијата, роднина на мајката на дечињата Ивица Mицев, заеднички ќе ја тераме целата работа координирано и со огромна помош од страна на Општина Куманово ова 100 % ќе биде уште еден ветен и реализиран хуманитарен проект-откри Ѓоргиевски.
За животот на Лазаровски, без основни услови, без вода, во разурната колиба, со деца кои повеќе се гладни отколку сити, јавноста дозна преку видео прилог.
Едно од децата, во обиде да му помогне на своето семејство, повикало ТВ екипа да ги сними, со цел да добијат било каква помош.
По емитувањето на прилогот кој ја вознемири јавноста и ги покрена прашањата како може да се дозволи пет деца да преживуваат во такви услови, ,,Фокус” ја контактираше Александра Арсовска, директорка на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа Куманово.
Во телефонски разговор, таа тогаш изјави дека фамилијата добивала околу 15.000 денари месечна помош, односно средства за трето дете, детски додаток и средства за детето со попреченост.
Појасни дека е покрената постапка семејството да добие социјален стан на користење, но кога евентуално тоа би се случило, со оглед на зимските денови кои доаѓаат, таа немаше прецизен одговор.
Појаснуваше дека центарот е запознат со ситуацијата на фамилијата и дека им се нудела помош во законски рамки, но откри и дека немаат доволно кадар, со цел Лазаровски да добиваат постојана и редовна асистенција од стручни лица, со цел родителите да добијат на некој начин усмерување во грижата за децата и секојдневните обврски.
По повод случајот ,,Фокус” разговараше и со градоначалникот Димитриевски, кој во телефонски разговор тврдеше дека Општина Куманово секоја година одвојува огромни средства од буџетот за да им помогне на социјално загрозените граѓани.
Многу семејства добивале еднократна парична помош, и кажа дека е запознат со ситуацијата на Лазаровски. За конкретниот случај, тој изјави дека обезбедувањето на достоинствен дом, сепак не е во надлежност на општината.
По објавата на Ѓоргиевски, дека ќе се гради нов дом за семејството и дека неговото хуманитарно здружение ќе работи координирано и со помош на општината, Димитриевски за ,,Фокус” кажа дека се работи за помош лично од него, и дека не сака за тоа да се зборува бидејќи не било хумано.
Вики Клинчарова