Јулија Филиповска, ќерка на модната дизајнерка и голем хуманист, Жанета Филиповска, која лани почина по двегодишна борба со рак на дојка, во Мелбурн, Австралија, организираше голем моден настан во чест на својата мајка. Со хуманитарна ревија насловена ,,Жанета, уште едно шоу’’, таа го славеше животот на починатата мајка.
Средствата собрани од настанот таа веќе ги уплатила на сметката на центарот за истражување на рак на дојка во Австралија (Australian Breast Cancer Research) и се наменети за истражување на третмани за рак на дојка и метастази на коски.
На коктелот и модната ревија со модели креирани од Жанета биле донирани околу 5.000 долари, а настанот Јулија го опишува како прекрасен начин да се слави исполнетиот живот кој го имаше нејзината мајка.
Жанета по потекло е од Битола, а во Австралија живееше со години наназад. Таа имаше успешна кариера и беше модна дизјанерка и голема хуманистка, основач на битолското женско здружение ,,Штикла’’ кое во повеќе наврати организираше хуманитарни акции во Мелбурн, Австралија, и донираше на загрозени групи на граѓани во Македонија.
Битолчанката со години наназад беше вистински хит во Австралија. Таа облекуваше голем број австралиски ѕвезди, а модните ревии и беа едни од најпосетените. Нејзините креации се продаваат во трговски центри во Мелбурн и Аделаид, и таа беше помеѓу најбараните дизајнери кога се во прашање венчаниците.
Пред неколку години ни раскажа дека уште како дете сакала да креира облека, а кога пред околу тресет години се преселила во Австралија, почнала и професионално да се занимава со своето хоби.
-Често се појавувам со свои модели на хуманитарни ревии, а ќерка ми Јулија многу пати ја има улогата на модел на моите ревии. Сакам да им помогнам на луѓето, а пред неколку години го оформив женското друштво ,,Штикла’’ кое што досега организираше многу хуманитарни акции. Во Австралија модните креатори кои што се веќе докажани во својата работа заработуваат добро, па така моите фустани достигнуваат цени од 500 долари за придружничките на невестатата, до 10.000 долари за невестинските. Доколу останев во Македонија, знам дека тешко ќе ги постигнев тие цени – ни изјави креаторката пред околу три години.
Вики Клинчарова