Стејт департмент: Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите

by Fokus

Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, изјавија од Стејт департментот на САД за Гласот на Америка на македонски јазик. Оваа изјава е дадена на прашањето дали САД добиле некакви гаранции од бугарските партнери дека нема да има ново вето за македонските евроинтеграции откако би се усвоиле уставните измени.

„САД силно ја поддржуваат целосната интеграција на Северна Македонија во Европската Унија. Европска Унија што го вклучува целиот Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија, ќе биде посилна и попросперитетна. Ги охрабруваме владите на Северна Македонија и Бугарија да продолжат со нивниот билатерален дијалог за решавање на разликите, исполнување на претходните договори и поддршка на брзиот пристап на Северна Македонија, се вели во изјавата од Стејт департментот.

Специјалниот претставник за Западен Балкан Габриел Ескобар, на дебата за регионот во Конгресот минатиот месец, рече дека САД се ангажирани со новата бугарска влада да се осигураат дека нема да има нови барања откако државата ќе ги исполни обврските од постоечките договори.

Седницата за отпочнување на уставните измени, односно за гласањето за потребата од промени на Уставот, е закажана за 18 август.

Засега нема консензус меѓу власта и опозицијата за измените со кои и Бугарите би влегле во Уставот, услов за отворање на преговарачките поглавја.

Бугарскиот претседател Румен Радев, пак, неодамна изјави дека вклучувањето на Бугарите во Уставот е само „прелиминарен услов за почеток на преговорите за членство“, и оти не ги исцрпува условите што треба да ги исполни Северна Македонија.

Поврзани новости