Уапсен Драган Даравелски по 20 години бегство

by fokus

По долги години бегство во Србија, денеска бил уапсен поранешниот директор на Царинската управа, Драган Даравелски, потврдија за „Фокус“ од Министерството за внатрешни работи.

-Денеска (10.01.2023) на ГП Табановце е приведен Д.Д. , кој се бараше со меѓународна потерница, и ќе биде пренесен во надлежната казнено поправна установа, се вели во кратата информација од МВР.

Кон крајот на 2002 година Даравелски избега во Србија, каде по една година, додека во екстрадициски притвор чекаше испорачување во Македонија, му беше одобрено српско државјанство, по откажувањето од македонското државјанство. Со првостепената пресуда на скопскиот Кривичен суд од мај 2007 година, Даравелски во отсуство, е осуден на седум години, затвор, заради злоупотреби во периодот од 1999-та до 2002-та година, со кои Македонија била оштетена за 2,5 милиони евра.

Следната година и скопскиот Апелациски суд во целост ја потврди затворската казна на Даравелски, со заплена на имот од 1,5 милион евра. Но, иако уште во мај 2004 година, за првпат е уапсен во својот стан во центарот на Белград, тој никогаш не е испорачан на Македонија.

Обид за екстрадиција на Даравелски имаше и во 2016 година, кога повторно беше уапсен. Иако врз основа на Договорот за екстрадиција меѓу Македонија и Србија од 2012 година,државите се обврзаа да ги есктрадираат лицата, Србија се премисли и ја прифати жалбата на Даравелски да не биде екстрадиран.

Поврзани новости