Место Владата да го сокрива барањето од Советот на Европа за расчистување на хашките предмети “водство на ОНА”, “Липковско езеро”, “Гробница непроштено” и “Мавровски работници”, да предложи Собранието на Македонија да го суспендира автентичното толкување со кое Законот за амнестија од 2002 година ги опфати и овие четири хашки предмети, се вели во денешното соопштение на Демократски сојуз.
Согласно Женевските конвенции, воените злосторства над цивилно население не застаруват, затоа Собранието има обврска да создаде правни претпоставки за да се истражат овие тешки кривични дела против цивили и да се утврди одговорноста на сите вклучени во извршувањето на овие злосторства, се вели во соопштението на Демократски сојуз.
Инаку, комесарката за човекови права во Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ во писмото до Владата во Скопје на 15 јануари, побарала поништување на амнестијата за хашките случаи и истражување на досиејата кои Меѓународниот суд на правдата во Холандија ги испрати до македонските судови.