Хрватски навивач се обидел да избега од Грција, фатен е на граница

by Fokus

По конфликтот меѓу хрватските и грчките хулигани продолжуваат да пристигнуваат вести од Грција.

Според грчките медиуми, полицијата попладнево уапсила девет Хрвати кои се криеле во хотел.

Последните вести велат дека грчката полиција привела 19-годишен Хрват кого го сметаат за осомничен за хаосот во Атина.

Апсењето се случило на грчкиот граничен премин „Какавија“. Наводно, младиот човек се обидел да избега од државата со автобус.

Полицијата го одвела во Јанина, град оддалечен 450 километри од Атина, каде детално ќе го испрашува.

„Полицијата во моментов претресува бројни хотели, барајќи ги преостанатите навивачи кои учествуваа во синоќешните немири. Ситуацијата е таква што Хрватите не се популарна нација, но Грците се бесни на полицијата. Се чини дека полицијата само што почна да си ја врши работата. Неверојатно е колку грешки направи грчката полиција. Денеска официјално дознавме дека на 4 август, четири дена пред натпреварот, хрватската полиција ги известила Грците дека ќе дојдат 150-200 навивачи од висок ризик. Црногорската полиција отиде чекор понатаму и вчера соопшти дека 120 хрватски државјани меѓу три и шест часот наутро влегле во Црна Гора и ја известиле грчката полиција. Еден колега грчки новинар ми кажа дека хрватските навивачи одат на ДНК тест. Дел од грчките медиуми јавуваат дека полицијата се сомнева дека меѓу 98-те приведени има и убиец, од кои 82 се Хрвати. На починатиот навивач останала ДНК трага, нема нож, ножот бил скриен или фрлен, а по тој клучен доказ се трага“ – ја пренесуваат хрватските медиуми сликата од соседна Грција.

Поврзани новости