Паричната комисија при Хрватската народна банка (ХНБ) денеска објави дека проверува дали еден од наградените автори користел неовластени фотографии за неговото решение за хрватската монета од едно евро, откако изгледот на новите евро монети беше претставен во петокот во Загреб, јави ХРТ.
Хрватската влада соопшти дека конкурсот го води Паричната комисија при ХНБ и дека сите натпреварувачи морале да поднесат изјава со која гарантираат дека се сопственици на авторските права.
-Паричната комисија итно почна да го проверува идејното решение на евро-монетата со мотив на куна. По завршувањето на проверката, комисијата ќе ја информира јавноста за својата одлука, соопшти ХНБ.
Авторот на победничкото решение Стјепан Прањковиќ сè уште не се огласил, но се огласил извесен шкотски фотограф, кој како што пренесува Индекс.хр, рекол дека никој не го контактирал во врска со таа негова фотографија и дека очигледно станува збор за куната од неговата фотографија.
Имено, доколку во „Гугл“ се внесе поимот „pine marten side view“ (златна куна страничен приказ), меѓу првите фотографии што се отвораат е и онаа со куната на дрвото, која е горе-долу идентична со куната на хрватското евро.
На седницата на Националниот совет за воведување на еврото како официјална валута во Хрватска, одржана во петокот, беше претставено како ќе изгледаат евро-монетите.
На монетите од 50, 20 и 10 центи е ликот на Никола Тесла што, пак, предизвика реакции во Србија.