Хрватска стана земја-кредитор на ММФ, приклучувајќи се кон група од околу 50 земји кои ММФ ги оцени како земји со силна надворешна позиција за учество во финансирањето на заеми од ММФ, што потврдува дека Хрватска е финансиски стабилна земја, велат експерти од Хрватската народна банка, пренесува Н1.
Како Хрватска од корисник на помош од ММФ (Меѓународен монетарен фонд) се претвори во земја која учествува во финансирањето на заеми за други членки на ММФ, како изгледа ова финансирање и каква е улогата на Хрватската народна банка во тој процес, е објаснето во блог на веб-страницата на ХНБ од Ана Мартинис, директорка на Дирекцијата за односи со меѓународни финансиски институции на ХНБ, и Марко Оленковиќ, виш советник во Дирекцијата за односи со меѓународни финансиски институции на ХНБ.
Тие нагласуваат дека вклучувањето на Хрватска во кругот на земјите-кредитори потврдува дека за три децении таа од корисник на помош од ММФ се претвори во земја која денес припаѓа на групата економски и финансиски стабилни земји.
Додаваат дека со учеството во финансирањето на заеми од ММФ, Хрватска активно придонесува за одржување на глобалната финансиска стабилност и зачувување на глобалната мултилатерална соработка и меѓународниот поредок заснован на правила, кои се клучни за ефикасно справување со глобалните предизвици.
Самата Хрватска била корисник на финансиска помош од ММФ во минатото. Таа стана членка на ММФ во декември 1992 година и имаше корист од неколку финансиски аранжмани и заеми од ММФ во 1990-тите и 2000-тите. Овие аранжмани ѝ овозможија на Хрватска да ја стабилизира својата економија и да создаде темели за економско закрепнување и развој, а истовремено им сигнализираа на финансиските пазари дека води одговорни политики.