Словенија со фудбалска лекција за Македонија среде Скопје

by jadranka 22:48
22:48

Македонија со пораз од 0-3 против Словенија го заврши настапот во Лигата на нации и го запиша најлошиот можен епилог – шест порази на шест натпревари. На Арената „Тодор Проески“, гостите ја потврдија победата со по еден погодок во двете полувремиња. Даниел Штурм погоди во 29. минута, Давид Зец во 67. минута зголеми на 0-2, а повторно Штурм со вториор гол во 90.минута го постави конечниот резултат.

Словенија уште во 16. минута сериозно се закани. Штурм проби по левата страна и испрати топка во шеснаесетникот, а Младеновски при обидот да расчисти со лизгачки старт ја погоди стативата од голот на Столе Димитриевски.

Нашиот тим возврати преку Енис Барди, кој во 24. минута се обиде директно од слободен удар од повеќе од 30 метри, но Јан Облак без поголеми проблеми ја запре топката. Веднаш потоа, Жан Випотник шутираше од околу 15 метри, но Димитриевски одлично интервенираше.

Сепак, во 29. минута гостите ја искористија својата шанса. По брза контраакција, топката стигна до Даниел Штурм, кој ја погоди мрежата за водство на Словенија.

Македонија се обиде да одговори, а во 33. минута Дарко Чурлинов му создаде добра можност на Елиф Елмас, но тој не успеа да ја зафати топката во вистинскиот момент. До паузата немаше посериозни закани пред голот на Облак.

На стартот од вториот дел, селекторот Гоце Седлоски направи тројна замена, внесувајќи ги Малески, Омерагиќ и Дориев. Промените донесоа поофанзивен пристап, а Македонија почна почесто да се заканува.

Дориев двапати се најде во добра позиција. Во 50. минута шутираше од 16 метри, Облак не успеа целосно да ја задржи топката, но таа заврши во корнер. Две минути подоцна, словенечкиот голман навреме истрча и го блокираше неговиот нов обид.

Во 60. минута се обиде и Барди од работ на шеснаесетникот, но Облак беше добро поставен и ја сочува својата мрежа.

Казната за пропуштените можности пристигна во 67. минута. По корнер од десната страна, Давид Зец најдобро се снајде во македонскиот шеснаесетник и ја удвои предноста на гостите.

Штурм можеше да го зголеми водството и во 74. минута, но не беше прецизен. Сепак, погоди во 90.минута за конечни 0-3.

Како последнопласирана во групата, македонската репрезентација сега ја очекува бараж за опстанок во Б-дивизијата на Лигата на нации.

МАКЕДОНИЈА – СЛОВЕНИЈА 0-3 (0-1)
Национална Арена „Тодор Проески“. Судија: Сердар Гозибујук (Холандија). Стрелци: Штурм 29′, 90′, Зец 67′ (Словенија). Ж. картони: Алиоски (Македонија), Черин, Карничник, Вербич (Словенија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Илиевски (46′ Дориев), Младеновски, Муслиу, Алиоски, Гаштаров, Елези (46′ Омерагиќ), Елмас, Барди (86′ Атанасов), Чурлинов (46′ Малески), Растодер (72′ М. Ѓорѓиевски).
Селектор: Гоце Седлоски

СЛОВЕНИЈА: Облак, Дркушиќ, Зец, Залетел, Јанжа (46′ Кузмиќ), Карничник, Черин, Ловриќ (62′ Забуковник), Штурм, Матко (74′ Вербич), Випотник (74′ Шпорар).
Селектор: Боштјан Цесар

Слични вести