,,Лозарите ја почнаа бербата во неизвесност – без утврдена цена, без поддршка и без одговори од Владата. ВМРО-ДПМНЕ ги остави лозарите на цедило, и покажа целосна негрижа за една од најважните извозни гранки во земјоделството и за целиот наш крај. Иако Законот за вино, донесен во март 2024, обврзува Министерството за земјоделство до 15 јули да ја утврди производната цена за смедеревка и вранец – тоа не е направено”, изјави на денешната прес конференција, Виктор Велевски – кандидат за градоначалник на Кавадарци од СДСМ.
Тој истакна дека и покрај тоа што новиот Закон за вино, донесен во март 2024, јасно налага дека Министерството за земјоделство до 15 јули мора да ја утврди производната цена за смедеревката и вранецот, која треба да биде минимум 25% поголема од таа цена – тоа не е направено.
,,Владата на ВМРО-ДПМНЕ го прекрши законот и не ја исполни оваа обврска. Државата има обврска да обезбеди откуп по таа цена – но токму државата не ги почитува своите закони. Наместо стабилност и фер услови, лозарите се приморани да продаваат под реална цена, што е директен удар врз егзистенцијата на илјадници семејства од Тиквешијата. Ова е уште еден доказ за целосното непочитување на лозарите и нивниот труд од страна на ВМРО-ДПМНЕ и актуелниот министер за земјоделство. Па уште и се фали со „историска цена“ – зголемена едвај за 0,50 денари. Тоа е навреда за трудот на лозарите“, вели Велевски.