Италија ќе гради мост до Сицилија

by irena 15:53
15:53

Италијанската влада денес даде конечно одобрение за изградба на најдолгиот мост во светот со еден распон што ќе ја поврзе Сицилија со копното, и покрај еколошките, финансиските и други проблеми што ја одложуваа одлуката со децении.

Структурата долга 3,7 км се дискутира уште од крајот на 1960-тите како начин за поттикнување на развојот на сиромашниот југ на Италија, пишува Индекс.хр пренесувајќи ја ХИНА. Десничарската влада на сегашната премиерка Џорџа Мелони го приоритизираше проектот и издвои 13,5 милијарди евра во следните 10 години за изградба на мостот и околните објекти. Месинскиот теснец ја одделува копнена Италија од Сицилија.

Мостот треба да биде завршен во 2032 година, пренесува Индекс. Експертите предупредуваат на бројни ризици и ја доведуваат во прашање неговата изградба, со оглед на тоа што би се градел во зона на земјотреси. Многумина се плашат од пречекорување на трошоците, можна штета на животната средина и инфилтрација на договорите за градежништво од страна на локалната мафија.

Некои граѓански групи кои се противат на мостот јасно ставија до знаење дека е непотребен, а еколошките групи поднесоа жалба до Европската Унија оваа недела, наведувајќи сериозни ризици за локалната животна средина.

Сепак, проектот има силна поддршка од оние кои веруваат дека брзата железничка и патна врска, како алтернатива на сегашниот фериботски премин, ќе им обезбеди на Сицилија и другите сиромашни јужноиталијански региони многу потребен стимул и развој. По меѓународен тендер, проектот му беше доделен на конзорциумот „Еуролинк“, предводен од најголемата италијанска градежна компанија „Вебилд“. Конзорциумот, исто така, ги вклучува и шпанската „Сасир груп“ и јапонската „ИХИ“.

Одборот на компанијата „Месина теснец“, која го надгледува проектот, изјави дека одобрението треба да овозможи почеток на прелиминарните работи, кои вклучуваат археолошки и геолошки истражувања, а ќе овозможи и експропријација на земјиште. „Вебилд“ процени дека мостот би можел да создаде повеќе од 100.000 работни места.

Слични вести