Месечна плата од 1.000 до 1.200 евра, сместување и оброци, тоа е најчестата понуда која им се нуди на македонските граѓани кои заминале на сезонска работа во Хрватска. Веќе неколку месеци наназад илјадници наши млади луѓе се распоредени во познати туристички ресорти во популарните летувалишта ширум Хрватска, најчесто студенти кои решиле да го поминат летниот распуст работејќи како келнери, собарки, продавачки…
Во разговор за ,,Фокус” дел од овие млади луѓе велат дека условите за работа се добри, платата е доволна за да може да имаат квалитетен социјален живот додека престојуваат таму, со оглед на тамошните цени, а пак оние кои заминале исклучително за да заработат, може да се вратат назад и со заштеда од неколку илјади евра.
Причините за овој чекор, да се помине летниот период во туѓа земја, како сезонски работник, за повеќето млади не се од финансиска природа, туку како што раскажуваат, ова е одлична шанса да се помине летото покрај море, со плата која е сосема доволна за да се ужива во тамошните атракции, да се биде независен од родителите, но и бегство од секојдневието во Македонија.
-Иако е на само неколку часа од Македонија, Хрватска како да е светлосни години понапред. Луѓето си ја гледаат својата работа, се чувствува таа релаксираност во секојдневното функционирање, таа среденост и општествена грижа за своето, па затоа и се бројни туристите од целиот свет.
Ова е првпат како сме овде како сезонски работници во угостителски комплекс, условите се пристојни, по завршување на работата имаме време и за плажа и за прошетки низ градот. Не има студенти, но и повозрасни луѓе од речиси цела поранешна Југославија, а најбројни се работниците од Македонија, Србија, Босна…
И не се сите овде со цел да успеат да заработат големи суми, па да се вратат назад со значителна заштеда, повеќето од младите на некој начин бегаат од примитивизмот, од нефункционалноста која владее кај нас, од секојдневните вести за корупција, за партизираност и поделеност, за неправди кои ги доживува обичниот човек.
Младите луѓе сакаат да си ја проживеат својата младост, без да слушаат приказни за тоа дека со помош на партија ќе можат лесно да се вработат кога ќе завршат факултет, сакаат еднакви можности за сите, според нивните квалитети, а не според тоа кој на кого е. Да се биде финансиски независен од родителите, што е сосема природно и разбирливо во светот, кога си во своите дваесетти години.
Годинава Хрватска, наредна година можеби и Германија или Америка- за ,,Фокус” раскажуваат студенти кои веќе два месеци работат во Ровињ.
Платите за полесната сезонска работа, како на пример продавачки во пекари или слаткарници, во маркети, келнерки, собарки и слично се движеле до 1.200 евра, а пак за работа во кујна достигале и до над 2.000 евра месечно.
-Има што да се види, има каде да се прошета по завршувањето на работното време. Платата е доволна за добар социјален живот, со оглед на тоа што цените во локалите се значително повисоки од кај нас. Пица за 13 евра, паста, плескавица или шницла за десет евра, десерти за 5-6 евра, безалкохолни пијалоци и кутија цигари за пет евра, тоа се генерално цените. Во маркети храната е со цени слични како во Македонија-раскажуваат.
Студенти кои за време на летниот распуст во Македонија работеле како келнери, за да имаат свои примања и да не бидат на товар на родителите, велат дека во Хрватска за истата работа за која во Македонија добивале по околу 400 евра, добиваат по околу 1.400 евра со обезбедено сместување и три оброци.
-Нема споредба, а посебно значи тоа што овде се цени трудот на работникот. Газдите се трудат да ја покажат важноста на работникот, бидејќи ако само се мисли како да се профитира, а вработените да бидат оставени на маргините, со тек на време на површина излегува реалноста.
Тоа веќе започнува да се случува во Македонија, доаѓа време кога газдите кои гледале само да направат што е можно поголем личен профит, без грижа за работникот, сега остануваат без работници.
Работев во тек на лето како келнер во Македонија две години, по ова кое сега го искусувам во Хрватска, нема шанси повторно да работам сезонски во Македонија. Не зборувам само за висината на платата, туку општо, за целата таа поставеност на нештата, на односот газда – работник.
Смачени ни се приказните за политички партии и ветувања, за ,,способните” деца и роднини на јавни функционери и нивниот напредок преку ноќ, за нееднаквите можности за успех – вели нашиот соговорник.
Наш повозрасен соговорник од внатрешноста пак, кој веќе цела година е во Хрватска, раскажува дека во родниот град првин работел во приватна фирма, а потоа откако создал семејство, со цел да има финансиска сигурност, побарал работа во државниот сектор.
-Се изнаодив по партиски штабови и митинзи за да добијам шанса за вработување во јавната администрација. Кога тоа се случи, увидов дека нема можности за напредок, истата работа е, истата плата, колку и да си професионален и да се трудиш, на крај ја добиваш истата плата од околу 400 евра. Се губи мотивацијата. Не е доволно за да се гледа фамилија, за жал.
Во Хрватска работам во познат ланец на маркети, целта ми е и семејството да дојде и да остане овде. На десетици наши им помогнав да дојдат и да се вработат во Хрватска, сите ми се благодарни. Повозрасните оти можат да заработат доволно за да ја поминат зимата во Македонија, помладите оти добија можност да бидат независни од родителите и бар во тек на лето да уживаат во таа своја независност на море – раскажува нашиот соговорник кој е во своите четириесетти години.
На автобуската станица во Скопје, секојдневните слики на млади луѓе со куфери кои го чекаат својот автобус за Хрватска само уште повеќе ја откриваат реалноста која ја живееме.
-Три пати неделно возиме до Хрватска, до Загреб, Сплит, Пула и Ровињ. Како што гледате, полни се автобусите со младина.
Остануваме изгледа само ние, постарите, колку за да има кој да гласа на избори – горчливо ни вели возач на автобус на приватна компанија, со кој македонската младина заминува кон својата дестинација за подобар живот, кој во земјава очигледно не може да го оствари.
Вики Клинчарова