Младиот струмичанец Иван Кукиќ, кого јавноста последниве години имаше можност да го слуша како дел од Стефановски Трио, заедно со Влатко Стефановски и неговиот син Јан, деновиве во Загреб, Хрватска потпишал 5-годишен договор со познатата продуцентска куќа „Кроација рекордс“.
Иван (25) на досегашните настапи се покажа како одличен бас гитарист. Настапи на голем број манифестации, како дел од триото, а потекнува од музичко семејство. Тој е син единец на Ленче и Горан Кукиќ, музичкиот брачен пар кој е со децении на естрадата и зад себе има многу албуми, концерти, турнеји и регионални музички награди. Потпишувањето на договорот со хрватската музичка куќа значело дека младиот Кукиќ во наредните пет години за нив ќе снима музички материјали и поп – рок песни во негова изведба.
Наредниот месец ќе бил издаден неговиот прв сингл, а од „Кроација рекордс“ најавија дека неговиот прв албум ќе се појави на пазарот во тек на наредната година. Иван периодов е дел од регионалната турнеја на легендарната група ,,Индекси”. Во периодот кога за прв пат се појави на сцената покрај Влатко Стефановски и неговиот син Јан, неговата мајка, Ленче за „Фокус“ раскажа дека тој е дете пораснато со музика.
-Ако повеќето мали деца во продавница бараат да им купиш играчка, со него тоа не беше случај. Секогаш посакуваше да му купиме некој музички инструмент, сите игри му беа пропратени со музика. Најверојатно, генот од двајцата родители допринел во него да расте музиката. Со тек на време, кога требаше да се определи за идното школување, тој се одлучи за бас гитара и контрабас. Со талентот и работата дојде до тоа што во моментот го доживува. Со Горан се гордееме со неговите успеси – ни раскажа таа во интервју од пред три години.
Покрај бас гитарата, Иван свири и на контрабас, клавир, гитара и народни инструменти.
Вики Клинчарова