Хрватскиот евровизиски претставник Беби Лазања кој воодушеви со својот настап на 68-то издание на Евровизија во Шведска, денес беше награден со 50.000 евра, по одлука на хрватската влада.
Но, младото момче кое го освои второто место на музичкиот натпревар, веднаш по седницата на владата, на која беше донесена одлуката за доделување на парична награда, се огласи на социјалните мрежи.
-И се заблагодарувам на владата за паричната награда од 50.000 евра, но јас тие пари сепак не можам да ги прифатам. Можам да набројам илјада причини зошто, но најважната причина е што постојат многу други поединци и организации на кои тие пари ќе им помогнат.
Замолувам 25.000 евра од тие средства да се донираат на Заводот за педијатриска онкологија и хематологија со дневна болница ,,Младен Ќепулиќ” и останатите 25.000 евра да се донираат на Заводот за педијатриска хематологија, онкологија, и трансплантација на матични клетки КБЦ Загреб. Благодарам, напиша Беби Лазања, чие вистинско име е Марко Пуришиќ.
По објавата, за хрватските медиуми се огласи и управителот на Клиниката за детски болести Загреб, Горан Роиќ, кој порача дека веста ги изненадила и воодушевила, и дека Марко покажал колку е нормален и голем човек.
-Тоа не е мала сума на пари и ќе ги искористиме за подобрување на условите за лекување и престој на малите онколошки пациенти на одделот. Сакаме истовремено да го поканиме Марко да не посети, порача Роиќ.
Вики Клинчарова