Ако го поставевте споменикот, без да кажете за кого се работи, никој немаше да го препознае Тоше – реагира хрватската јавност по повод вчерашното откривање на споменикот на Проески во Нова Градишка, Хрватска, изработен од скулпторот Славко Буниќ.
Бурни негативни реакции и критики на сметка на споменикот уште вчера, по неговото претставување пред јавноста се актуелни во Хрватска, каде почитувачите на Тоше обвинуваат на непрофесионалност, бидејќи скулптурата немала никаква сличност со музичарот.
Потсетуваат дека Тоше не е заборавен и јавноста добро знае како тој изгледал, и обвинуваат дека се потрошени пари за споменик кој е навредлив и треба да биде тргнат.
-Кој е ова, Дејвид Боуви, Зорица Брунцлик ли е? Срамота! Никаква сличност нема, вака ли се оддава почит? – се дел од реакциите на социјалните мрежи во Хрватска, под медиумските објави со веста за споменикот. Во стотиците коментари, не може да се сретне таков, во кој се кажува убав збор на сметка на делото.
Инаку, идејата Тоше да добие споменик во Нова Градишка била на Ѓуро Хорват, директор на хрватската компанија „Техникс“, која соработувала со македонски претпријатија.
Скулпторот Буниќ пак, е познат во Хрватска по изработка на скулптури на светци од камен, и негови попознати дела се скулптурите Мајка Божја Фатимска, Исус добриот пастор, Света Барбара, Свети Изидор, Свети Винко и други.
Вчера, на откривањето на споменикот присуствуваа Томе Христоски, крушевскиот градоначалник, Винко Гргиќ, градоначалникот на Нова Градишка и нашиот амбасадор Милаим Фетаи.
Вики Клинчарова