Со македонско знаме врз ковчегот, со повеќе песни кои му значеле во текот на животот, а помеѓу нив и ,,Зошто си ме мајко родила” вчера во Загреб беше погребан рок музичарот Аки Рахимовски.
Големиот Македонец во душа, кој беше роден во Ниш, а израснат во Скопје, беше еден вид на амбасадор на Македонија, за која секогаш со гордост кажуваше дека е негова татковина.
Токму поради тоа, а и поради неговата големина како еден од најпопуларните рок музичари на екс Ју просторите, набргу по погребот следеа низа на критики на социјалните мрежи, во кои граѓаните прашуваа како се дозволило на последното испраќање на Аки да не биде присутен ниту еден претставник од власта или од Град Скопје.
-Хрватите го испратија со македонска песна и македонско знаме, зошто од Министерство за култура не беа присутни и не се огласија?, – се честите коментари на темава.
-Вака ли се оддава почит, покриен со македонското знаме, а заборавен од политичарите, без да се испрати барем еден претставник на погребот?-прашуваат граѓаните.
По низата на критики, синоќа се огласи градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која информираше дека иницирала одлука една улица во центарот на градот да го носи името на Рахимовски.
-Како Градоначалник на Град Скопје, денес иницирав со одлука на Град Скопје една улица во централното градско подрачје да го носи името на Александар Аки Рахимовски. На последната средба со Аки во резиденцијата на Претседателот на Хрватска минатата година, гордо не поздрави со македонските песни кои нему лично му беа најдраги-соопшти Арсовска.
Вики Клинчарова