Хронично болна, со симптоми на Ковид 19, нема кој да ме однесе на тестирање, вели ќерката на позитивните сопружници од Демир Капија

by Fokus

Ве молам помогнете ми, Министерство за здравство, епидемиолози, било кој… Имам 37 години, хронично сум болна, дијабет, асма, висок притисок, а ги имам и сите симптоми на Ковид 19. Моите родители се позитивни на вирусот и се сместени на лекување во болницата во Велес, а мене нема кој да ме однесе да ми се земе брис – вака низ плач, во телефонски разговор за ,,Фокус,, појаснува К.В. од Демир Капија, која веќе неколку дена безуспешно барала превоз до Центар за јавно здравје, каде би можела да биде тестирана.

Нејзините родители се првите случаи на корона вирус во Демир Капија и беа регистрирани пред четири дена. Жената појаснува дека и покрај тоа што имала низа на сиптоми и воопшто не се чувствува добро, и било кажано да остане во домашна самоизолација и дека ќе биде тестирана денес. Но, немала сопствен превоз, а никој не сакал да и понуди помош, плашејќи се од потенцијална зараза.

-Во петокот беа тестирани моите две деца, баба ми и брат ми. Два од резултатите стигнаа, негативни се, но два резултати се чекаат уште. Помеѓу нив е и резултатот на мојата десетгодишна ќерка која веќе 15 дена е со температура, навистина не знам што да правам и каде да се обратам. Се јавив кај матичната лекарка во Демир Капија, од таму не сакаа да дојдат… Такси возило нема шанси да се нафати да ме однесе на тестирање. Сите креваат раменици, јас барам помош од било каде, само да се заврши целата агонија, бидејќи ми е многу лошо и стравувам за мојот живот, спаѓам во ризичните групи – вели К.Д.

Таа апелира до Министерството за здравство да го разгледа случајот што е можно побргу, да биде тестирана денес, но исто прашува и за резултатот од брисот на нејзината ќерка, зошто не е готов, бидејќи не можела да добие одговор, а девојчето имало температура со денови.

-Се јавував кај градоначалникот на Демир Капија, кај лекари, насекаде… Кој ќе ме однесе на тестирање? Со семејството минуваме низ страшен период, се чувствуваме како да сме оставени сами на себе – липајќи објаснува демиркапијката.

Околу случајот со нејзините родители, кој ја вознемири општината, таа вели дека се започнало на почетокот на април.

-Мојот вујко почина на 9-ти април, имаше карцином на белите дробови, на возраст од 57 години. Не знаеме дали имал и Ковид 19. На први април му беше многу лошо, се мачеше да дојде до воздух. Се јавивме во Неготино, баравме возило на Итната служба да дојде. Поминаа повеќе од четири часа додека стигна возилото, а вујко ми за сето тоа време се мачеше. Беше префрлен во Скопје, на Онкологија, каде остана девет дена, до својата смрт. Не знаеме дали од таму моите родители се инфицирале… Не знаеме колку од нас, блиските сме позитивни, бидејќи досега само два резултати од брисови добивме, еве многу од нас уште чекаат и тестирање. Како да се скрати нашата агонија, како јас да добијам помош? Сите креваат раменици, мене ми е лошо, не знаев веќе каде да се обратам, затоа решив вака јавно, преку вашиот медиум да апелирам, да се слушне мојот глас и да ни се излезе во пресрет. Цел живот плаќаме здравствено осигурување, сега, кога дојде ред да бараме помош, се чувствуваме препуштени сами на себе – вели жената.

Од Центар за јавно здравје Кавадарци информираа дека во Демир Капија 11 лица кои имале близок контакт со позитивните сопружници се сместени во самоизолација и ќе бидат тестирани. Нема информација околу тоа, како некое од лицата во самоизолација, доколку нема сопствен превоз, може да биде пренесено во соодветната институција, со цел да му биде земен брис.

Вики Клинчарова

Поврзани новости