Христоски: Туристите ни го вратија вирусот во Крушево, но, нив не можеме да им забраниме да доаѓаат!

by Fokus

После два месеци, корона вирусот се врати и во Крушево, па сега во градот има три активни и три оздравени пациенти.

На ниво на целата општина има 40 лица кои се во самоизолација, поради тоа што биле во контакт со заразени, но немале симптоми.

Како што истакна крушевскиот градоначалник, Томе Христоски, општината ги презема сите мерки со цел вирусот да не се прошири дополнително во самиот град.

„Добро е што во Крушево немаме жариште. Вирусот го донесоа туристи, чиј број се зголеми за викендите, па така беше очекувано и да порасне бројот на заболени. Затоа, важно е да носиме заштитна опрема постојано и само така ова лето Крушево ќе биде најбезбедната дестинација за домашните туристи. Не можеме нив да ги обвинуваме, ниту пак да им забраниме да доаѓаат“, изјави Христоски за „Фокус“.

Корона кризата му даде сериозен удар на туризмот во овој град, но оттаму порачаа дека ќе направат крајни напори со цел да не се дозволи целосен колапс на оваа дејност, но и на претстојните културни настани за ова лето.

Јорданчо Цветаноски

Поврзани новости