Истражувањата за правните потреби на граѓаните покажуваат дека најчести правни проблеми со кои тие се соочуваат се поврзани со домување (имот), парите и долговите и со државните трансфери. Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ) изминатиов период е повеќе присутна во јавноста преку активностите поврзани со програмата за правно зајакнување на граѓаните кои се насочени за едуцирање и информирање на граѓаните за нивните права и начините на кои може да ги остварат. За овие активности, но и за значењето на правното зајакнување за квалитетот на животот на граѓаните разговаравме со Христина Василевска Димчевска, координаторка на програма во ФООМ.
– Правно зајакнување е она што се случува кога обичните луѓе, дури и најмаргинализираните, се способни сами да го користат правото за да најдат конкретни решенија за нивните секојдневни правни проблеми и да бараат отчетност од властите. Токму тоа лежи во основата на сите заложби на Фондациите Отворено општество (ФОО), преку решавање на асиметриите на моќ, кревање на гласот на луѓето и обезбедување конкретни начини за тие да ги менуваат нивните општества. Правно зајакнати се оние граѓани кои се свесни за своите права, го препознаваат нивното прекршување и знаат како да постапат во случај на прекршување на правата – вели Василевска Димчевска.
Дел од активностите е и промоцијата на веб-страницата www.pravnozajakni.mk. Кои информации им се достапни на граѓаните преку оваа страница?
– Веб страницата www.pravnozajakni.mk е креирана врз основа на наодите добиени од неколку истражувања за правните потреби на општата популација во Македонија, правните потреби на три специфични маргинализирани групи со кои работи Фондацијата, како што се Ромите, луѓето кои користат дроги и сексуалните работници, како и анализата за придобивките наспроти трошоците за обезбедувањето на три постојни модалитети за правна помош и услуги во Македонија. На веб страницата сите заинтересирани можат да добијат информации за истражувањата, но за останатите аспекти на концептот за правно зајакнување. Опфатени се совети и информации за најчестите правни проблеми со кои се соочуваат граѓаните и маргинализираните групи согласно добиените резултати од истражувањата. Веб страницата секојдневно ќе се ажурира со цел да биде извор на информации за граѓаните, за здруженијата кои работат на правно зајакнување, но и да ги доближи концептите до институциите. Целта на оваа страница е и донесувачите на одлуки да се запознаат, на национално и локално ниво, со правното зајакнување и да се влијае на истите да се обврзат да го вклучат пристапот до правда во своите политики и надлежности; да се добие нивната поширока поддршка за правните услуги во заедниците. Многу важен сегмент на веб страницата е и адресарот на организации кои обезбедуваат правни и параправни услуги за граѓаните. Во овој дел граѓаните преку лесен пристап може да добијат информација за адресата и веб страницата на сите здруженија, но и информација за контакт лицата од здруженијата.
Дали граѓаните се доволно информирани за своите права и за начините на кои може да ги остварат?
– За граѓаните, најчеста асоцијација за правото и правните проблеми е скапа и долготрајна постапка која би ја воделе пред надлежна институција. Нашата цел е да им помогнеме на граѓаните сами да можат да ги идентификуваат правните проблеми со кои се соочуваат секојдневно, а кои не нужно се поврзани со одредени закони, но и да ги информираме каде да се обратат за решавање на истите. Потребно е граѓаните да бидат правно зајакнати и да бидат запознаени со своите основни права и начините како истите да ги остварат. Резултатите од спроведеното истражување за јавната перцепција и запознаеноста на граѓаните со Законот за бесплатна правна помош покажаа дека дури 67 % од испитаниците не се запознаени со бесплатната правна помош и не знаат на кој начин може да го остварат ова право. Оттука, видлива е потребата за едукација и информирање на граѓаните за што веруваме дека ќе послужи www.pravnozajakni.mk .
Што покажува досегашната пракса, кои се најчестите правни проблеми со кои се соочуваат граѓаните и кои се најзагрозени групи граѓани?
– Согласно добиените наоди од истражувањата за правните потреби на граѓаните најчести се правните проблеми поврзани со домување, секој четврти граѓанин се соочил со правен проблем поврзан со домување, односно имот. Понатаму следат проблемите поврзани со закуп на имот како издвоена категорија, па проблемите поврзани со работата и вработувањето застапени со 19,9% како и проблемите поврзани со пари и долгови. Кај Ромите, сексуалните работници и лицата кои користат дроги овие проценти се значително повисоки, но исто така видливо е дека постојат правни проблеми со кои овие групи на граѓани се соочуваат многу почесто отколку општата популација. Така, забраната за излез од државата и бездомништвото се проблеми кои диспропорционално повеќе ги засегаат Ромите. Најзастапени проблеми се проблемите поврзани со домувањето, парите и долговите и со државните трансфери. За лицата кои користат дроги најчести се проблемите поврзани со дискриминација при вработување и работен однос, прекршување на нивните права од страна на полицијата, бројните предизвици со кои се соочуваат при издржување затворски казни, но и проблемите поврзани со неадекватната здравствена заштита. Сексуалните работнички и работници најчесто се соочуваат со проблеми поврзани со пристапот до вработување и при работен однос, при изнајмувањето место за живеење, како и предизвиците во пристапот до јавни добра и услуги. Но, за нив најсериозни се проблемите со кои се соочуваат поради нивниот избор да се занимаваат со сексуална работа, како и проблемите со нивните семејства, сопружници и вонбрачни партнери, а кои најчесто подразбираат изложеност на насилство и на понижување.
Каква е улогата на институциите во правното зајакнување на граѓаните, колку тие придонесуваат во целиот овој процес?
– Институциите се клучни во целокупниот процес на правното зајакнување на граѓаните, бидејќи без нивна поддршка не може да има одржливост на процесот. Од особена важност е целиот процес да се заснова на партнерство меѓу претставниците на релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации, обезбедувачите на правна и параправна помош, со цел заеднички да работат на процесот на институционализација на правното зајакнување и унапредување на финансирањето на различните форми на обезбедување на пристап до правда за потребите на маргинализираните заедници на локално и национално ниво.
Кои се конкретните резултати од активностите за правно зајакнување на граѓаните?
– Преку различните модалитети за пристап до правда и правно зајакнување, за одбележување се следните податоци: годишно се обезбедуваат повеќе од 2.000 правни услуги за сексуални работници и луѓето кои користат дроги; за период од 6 години обезбедена е правна и параправна помош за над 1.600 Роми во 8 ромски заедници со што им е помогнато да го остварат правото на здравје или социјални права; преку стратешко застапување на случаи на прекршување на здравствените права на претставници на маргинализираните заедници се овозможува креирање на судска пракса – донесени се две позитивни пресуди (кривична и граѓанска), надомест од 60.000 евра и месечна рата од 3.000 денари како отштета за 16 годишно момче пораснато низ судниците, затоа што на 8 годишна возраст му била ампутирата рака поради лекарска грешка; пресуда од Врховен суд за 10.000 евра надомест на штета за повреда на личните права на 20 годишна родилка од Битола која не можела да го погреба починатото бебе затоа што го отстраниле како медицински отпад; донесени се првите две позитивни пресуди судски одлуки за правно признавање на родот и успешна промена на лични документи на транс луѓето; обезбедено е судско застапување за 22 лица кои користат дроги, 13 сексуални работници, 6 судски случаи за правно признавање на род, деца на сексуални работници – жртви на насилство и расна дискриминација и омраза кон транс лица. Освен тоа, за 4 години, обезбедена е бесплатна правна помош за повеќе од 3.600 граѓани. Исто така беа спроведени 25 едукативни сесии за правно зајакнување на граѓаните на различни теми согласно потребите на граѓаните во градовите Штип, Скопје, Куманово, Битола, Струмица, Прилеп, како и во село Радање.
Кон што ќе се насочи ФООМ во иднина во програмата за правно зајакнување на граѓаните, кои се најголемите предизвици?
– Целта на ФООМ и на граѓанските организации кои работат во оваа област е креирање на сеопфатен систем за правно зајакнување поддржан од страна на државата. Неопходно е да се креираат сеопфатни национални политики за правно зајакнување во кои, освен бесплатната правна помош која засега е единствен препознаен облик за пристап до правда, ќе бидат вклучени и поддржани и останатите облици на пристап до правда кои водат кон правно зајакнување на граѓаните, за да им се овозможи доволно знаење за самите да го решат проблемот со кој се соочуваат, односно да знаат каде да се обратат кога ќе идентификуваат правен проблем. При тоа, како што напоменав погоре од особена важност е целиот процес да се заснова на партнерство меѓу претставниците на релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации, обезбедувачите на правна и параправна помош, со цел заеднички да работат на процесот на институционализација на правното зајакнување и унапредување на финансирањето на различните форми на обезбедување на пристап до правда за потребите на маргинализираните заедници на локално и национално ниво. Обезбедувањето на еднаков пристап до правда станува се поприсутна заложба и во рамките на Отвореното владино партнерство на глобално ниво, а во моментов, работиме на тоа пристапот до правда да стане дел и од Акцискиот план за отворено владино партнерство на РМ кој е во подготовка. Исто така, пристапот до правда е важен сегмент од Глобалната развојна цел 16.3 во рамките на целите за одржлив развој на Обединетите нации и предвидуваат конкретни мерки за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени на светско ниво. Во тој контекст, Фондацијата ја поддржува работата на преточувањето на оваа цел на национално ниво. Предизвик во моментот е и новиот Закон за бесплатна правна помош чија цел е да овозможи што е можно поголем број на маргинализирани граѓани да го остварат своето право на бесплатна правна помош. Веруваме дека во заедничка соработка со Министерството за правда ќе биде креиран закон кој покрај обезбедувањето на услугата бесплатна правна помош, ќе овозможи едукација и правно зајакнување на граѓаните.