Христијан Мицкоски и министерката за култура ќе присуствуваат на чествувањето на 12-те ваташки младинци во Моклиште

by Fokus

По повод 80 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци, на 15-ти јуни ќе се одржи Свечена академија во Дом на култура „Иван Мазов Климе“, со почеток од 19 часот.

Наредниот ден пак, на 16-ти јуни, градоначалникот Митко Јанчев и Совет на Општина Кавадарци информираат дека во Моклиште, на споменикот на 12-те ваташки младинци со почеток од 10 часот ќе се одржи чествување по повод 80 години од нивното стрелање.

Покрај положувањето цвеќе на споменикот, ќе бидат откриени 12-те бисти на младинците и ќе се отвори Спомен собата. Најавена е и пригодна културна програма за достојно одбележување и оддавање почит за нивната храброст и непокорност.

По повод 80 години од смртта на ваташките деца, општината одвоила 3.200.000 денари за целосно средување на локалитетот, кој во минатото беше гордост на општината, но во последните дваесеттина година сосема се запушти. Повторното средување започна во 2018 година со разеленување на 30.000 метри квадратни, уредување, стази, мобилни тоалети, како и нов релјеф, бидејќи стариот беше украден дел по дел.

Во Моклиште, за време на настанот, најавено е присуството на Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО–ДПМНЕ, како и на Бисера Костадиновска–Стојчевска, актуелната министерка за култура.

Пред пет дена и претседателот Стево Пендаровски, во пресрет на одбележувањето на 80 години од масакрот, им оддаде почит на убиените младинци во Моклиште.

Тогаш тој објави дека се поклонил пред споменикот на младинците кои беа убиени на 16-ти јуни 1943 година од бугарскиот фашистички окупатор, а неговата објава наиде на поддршка, посебно од кавадаречката јавност, како што се коментираше на социјалните мрежи, поради тоа што не подлегнувал на притисоци и ги нарекувал нештата со вистинските зборови.

Вики Клинчарова

Поврзани новости