Косовскиот премиер Авдулах Хоти го поздрави вчерашниот избор на новата Влада на Република Северна Македонија, изразувајќи уверување дека билатералните односи меѓу двете земи ќе продолжат да се развиваат и во текот на новиот мандат на премиерот Зоран Заев, јави дописникот на МИА од Приштина.
Хоти во својата порака до Владата во Скопје му изразува искрени честитки на премиерот Заев, на неговиот кабинет и на сите граѓани на Северна Македонија.
– Уверен сум дека нашите билатерални односи ќе продолжат да се јакнат, врз основа на историски блиските и пријателски односи меѓу нашите две земји и нашите два народи. Владата на Косово и јас лично со нетрпение очекуваме да работиме со новата Влада на Северна Македонија на натамошното продлабочување на соработката во сите области. Решени сме да се посветиме пред се на зголемувањето на нашата економска соработка, која треба да ги следи одличните политички односи меѓу двете земји, се вели во честитката на Хоти.