По вонредниот надзор во Затворот „Скопје“, кој бил извршен на 19ти овој месец, било констатирано дека списокот со затвореници што го добиле од полицијата не кореспондира со фактичката состојба, изјави в.д. директоро на Управата за извршување на санкции Александар Пандов.
„По список во „Скопје“ требаше да бидат 180 затвореници, при што заклучивме дека 11 осуденици не беа присутни во своите ќелии. Во очи паѓа дека списокот кој што ни беше понуден од страна на затворскиот полицаец и фактичката состојба не кореспондираа. Во отворениот дел имаат возен парк и во него, по списокот требаше да бидат само три лица, а се распоредени 10, од кои што четворица отсуствуваа. Во делот перална, по список треба да има 4 осудени лица, а формално правно треба да бидат 9 – седум беа отсутни, едно лице пронајдовме, а едно било на домашно отсуство. На прашањата зошто е така, ни кажаа дека затворската полиција нема увид и дека добиваат усни наредби, изјави Пандов.
Тој рече дека 11 затвореници не биле во своите ќелии. Иста била состојбата и во полуотвореното и отвореното одделение, како и во пералната. Во моментов во бегство се четворица затвореници, рече Пандов.
-И покрај вонредниот надзор, четворица лица од овие 11 што не ги најдовме во затворот, утрово во пет часот не се наоѓаат таму и се во бегство. Во меѓувреме додека го правевме надзорот, десет од тие лица по еден час, два, три часа се враќаа и слободно се движеа околу нас и разговараа со полицајците, рече Пандов пред присутните новинари, додавајќи дека во затворот било како „хотел промаја“.
Затворските полицајци изјавиле дека затворениците се преместуваат со усна наредба на директорот Филип Андов – Сокол, за кого рече дека ќе побара да биде разрешен.
Пандов обвини дека седум години не била направена контрола во овој затвор и дека во моментов двајца службеници се во затворот за да го земат материјалот од видео надзорот.