983
Вчера во вечерните часови, малолетник без возачка дозвола за управување на мопед прегази три девојчиња на возраст од 13 и 14 години, кои завршиле со тешки телесни повреди, а најтешко повреденото итно било пренесено на клиниките во Скопје.
Настанот се случил на улицата ,,Фемо Кулаков’’ во 21.30, кога малолетникот, возејќи брзо удрил во трите девојчиња кои се движеле во колона по улицата, на која нема тротоари.
Настанот ни го потврдија и од ПС Неготино, и изјавија дека против лицето кое управувало со мопедот ќе биде поднесена кривична пријава.
,,Сите девојчиња се родени во 2003 година, и се работи за случај каде имаме тешки телесни повреди. Детето со мопедот возело бргу, и истовремено ги покосило сите три девојчиња кои се движеле во колона’’ – велат од ПС Неготино.
Малолетнците на мопеди, без возачка дозвола и заштитен шлем, од кои дел редовно си прават трки низ Неготино се редовен проблем секое лето. ,,Фокус’’ во повеќе наврати пишуваше за овие кршења на законот, на кои што полициските службеници се слепи и глуви.
Граѓани кои живеат на главните улици ,,Маршал Тито’’ и ,,Партизанска’’ редовно бараа помош преку медиумите и апелираа полицијата да врши редовни контроли по улиците. Тврдеа дека во тек на ноќта, посебно после полноќ, кога се случуваат трките со мопеди, не можат да видат полициски службеник на критичните места.
,,Се јавуваме во полиција, им кажуваме дека буката од моторите е несносна, се вози пребргу, ги креваат моторите и на едно тркало, но никако да се запонче со ставање на ред на улиците’’ – се жалеа во повеќе наврати граѓаните, а ,,Фокус’’ во тек на летово дури три пати алармираше за проблемот.
Околу непочитувањето на законот за задолжително носење на заштитен шлем, исто така пишувавме неодамна. Тогаш од СВР Велес ни изјавија дека од месец мај, па се до средината на месец јули, само пет лица биле казнети со глоба од по 50 евра бидејќи ги управувале мопедите без заштитен шлем. Она што иритира е, доколку само пет минути поминете покрај главната улица, без проблем ќе забележите најмалку 20 деца кои управуваат мопеди без заштитен шлем, а некои од нив се на возраст дури и помала од 12 години и секако немаат соодветна возачка дозвола.
Во неформален разговор, полициски службеници ни велат дека не ги чепкаат децата на мопеди, бидејќи пред неколку години, во градот имаше случај, кога полициски службеник бркал петнаесет годишно дете на мопед, кое одбило уредно да запре, по што се случи несреќа, кога исплашеното дете, бегајќи од полицијата удри во бандера и почина.
Неготинчани се револтирани од вчерашниот настан. И пред три недели имаше случај кога мопед удри во повозрасна жена на улица. Прашуваат што уште треба да се случи, за да се стави ред на улиците во градот,посебно ноќе, кога моторџиите се најактивни.
Вики Клинчарова