Една жена загина, а сопругот и нејзината ќерка се повредени утрово во сообраќајна несреќа на дел од патот што беше блокиран во рамки на протестот на француските земјоделци.
Несреќата се случила во градот Памиер, во јужниот француски департман Ариеж, пренесува Фигаро.
„Жената почина, а нејзиниот сопруг и ќерка се во тешка состојба и беа згрижени од Брза помош“, изјави претседателот на синдикатот на фармери FNSEA Арно Русо.
Земјоделците во Франција протестираат со ниските откупни цени на земјоделските производи и бараат пониски даноци, што се барања на земјоделците ширум Европа.
Тие ги блокираа патиштата во делови од Франција минатата недела поради новиот данок на горивото за трактори, евтиниот увоз на земјоделски производи и ниските откупни цени.
Владата најави дека сака да го слушне мислењето на претставниците на земјоделците за да се вклучат дополнителни мерки за поддршка на секторот во предлог-законот за земјоделство.