Хорор фотографии од Инфективното одделение каде се лекуваат тешки ковид пациенти во болницата во Велес

by Fokus

Тешките ковид пациенти во велешката Општа болница се лекуваат во хорор услови, а тоа го покажуваат фотографиите со кои дојде „Фокус“.

Според нашите информации, во општата болница во Велес се користат два спрата, кои го преставуваат Инфективното одделение и таму се хоспитализираат пациентите заразени од ковид 19, кои имаат потешка клиничка слика.

„Фокус“ дојде до известувањето испратено до вработените од страна на раководителката на Инфективното одделение во болницата во Велес, каде таа ги информира дека поради протекување на првиот спрат и нерешени инфраструктурни проблеми овие пациенти ќе бидат сместени само на еден спрат. Во моментот таму болнички се лекуваат 16 пациенти.

„Поради нерешени инфраструктурни проблеми и протекување на канализациона вода од втори на први спрат, се до реализирање на поправките ќе се користи еден спрат за болнички пациенти – во меоментов први спрат, бидејќи хоспитализираните пациенти се тешки и не може да се транспортираат на вториот спрат.

 

Вториот спрат да се користи за краткотрајни амбулантски третмани, а останатите пациенти, кои не се со ковид патологија да не се примаат за болничко лекување, туку да се лекуваат во домашни услови или да се препраќаат на соодветен оддел според патологија и возраст“, се наведува в известувањето.

Фотографиите со кои располагаме ја покажуваат страшната реалност, со која се соочуваат болните пациенти, уништени и рѓосани тоалети, постелени ќебиња на земјата и поставени кофи за во нив да тече водата, која протекува.

За ваквите информации се очекува и реакција од страна на велешката Општа болница.

Ирена Мулачка

Поврзани новости