Хонорарци во Кисела Вода зеле 44.000 евра за авторски труд, трудовите ги нема, покажа ревизијата

by Fokus

Кисела Вода во текот на 2021 година исплатила 44.000 евра по основ на авторски договори со 23 лица за кои не биле пропишани критериуми, а кои месечно заработувале надоместоци од 12.000 до 89.000 денари, покажува извештајот на Државниот завод за ревизија.

„Општина Кисела Вода во текот на 2021 година има исплатено вкупно 2.706 илјади денари, по основ на авторски договори, склучени со 23 лица. Со извршениот увид во доставената документација ревизијата ги констатира следните состојби:

– дел од склучените авторски договори имаат за предмет на изработка стручен труд поврзан со работни задачи кои припаѓаат на редовно систематизирани работни места (изготвување на систематизација, план за организирање на културни манифестации, протокол за спортски манифестации, координирање на активности во урбани и месни заедници, средби со медиуми, состаноци и агенда на градоначалникот и друго.

– за изборот на овие лица не постојат пишани критериуми како во поглед на потребата од нивно ангажирање, така и во поглед на стручните квалификации и компетенции кои би требало да ги поседуваат, не постојат критериуми ниту во утврдување на висината на надоместоците за извршената работа и истите се движат од 12 до 89 илјади денари“, се вели во извештајот.

Во 2021 година, бројот на ангажирани лица по склучени договори и анекс договори се движи од 47 до 87, за што се исплатени средства во вкупен износ од 12.722 илјади денари или околу 21.000 евра.

Поврзани новости