За Германија е незамисливо да се даде зелено светло за преговори со ЕУ само за Албанија, а не и за Северна Македонија, вели германската амбасадорка во Скопје, Анке Холштајн.
– За решавачки насоки во процесот на проширување на ЕУ потребна е согласност од сите земји-членки. Исто како што преговарачката рамка може да биде само едногласно прифатена, датум за првата меѓувладина конференција ќе има само кога сите земји-членки ќе дадат согласност. За Германија не е замисливо само за Албанија да се даде зелено светло, а Северна Македонија да се остави. Северна Македонија веќе одамна ги исполни сите услови за започнување на пристапните преговори, нивниот почеток е заслужен и одамна задоцнет. Ова е исто така во интерес на веродостојноста на процесот на проширување и на веродостојноста на ЕУ во регионот, изјави германската амбасадорка Холштајн за „Слободен печат“.
Претходно, и германскиот министер за Европа Михаел Рот порача дека Берлин се залага Скопје и Тирана во јуни заедно да ги почнат пристапните преговори.
– Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција со Албанија и Северна Македонија во јуни. Двете земји ги испорачаа бараните реформи – сега мора и ЕУ да испорача. Понатамошното одложување ги поткопува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот, напиша Рот на Твитер, како реакција на изјавата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји за Еуроњуз дека Брисел би можел да ги почне пристапните преговори со Тирана, ако Скопје и Софија не изнајдат заеднички прифатливо решение за историскиот спор.