Холанѓаните кои излетаа со трактор во Охрид, не оделе на нива, туку се забавувале

by fokus

Двајца холандски туристи вчера во Охрид тешко се повредиле, откако со возило Т3 трактор удриле во дрво, па возилото се превртело.

Возачот на возраст од 25 години и сопатникот на возраст од 22 години биле пренесени во болницата Свети Ерзамо со возило на Итната медицинска помош, информираа од СВР Охрид.

Веста дека холандски туристи се возеле со трактор во Охрид, предизвика низа на коментари кај охриѓани, кои се прашуваат како Холанѓаните завршиле управувајќи земјоделска машина и дали евентуално оделе на нива.

-Странските туристи вообичаено ги гледаме како шетаат низ градот, во ресторани, на плажа… Што им требало на трактор да седнуваат? – се дел од прашањата на изненадените локални жители.

Сепак, како што за ,,Фокус” појаснува Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид, туристите не оделе на нива, туку се забавувале. Вели дека возилото кое го управувале не е земјоделска машина, туку еден вид на четирицикл, кој според официјални податоци се води како Т3 трактор.

-Во описот на настанот ги употребивме точните термини кои се користат за овој вид на возило, но да појасниме дека станува збор за четирицикл кој е наменет за забава, а не за работа на нива. Настанот се случил на локален пат во охридското село Горно Коњско, и двете лица се здобиле со тешки телесни повреди, појасни тој.

Вики Клинчарова

Поврзани новости