Турист од Холандија бил каснат од отровна змија, но бидејќи во болницата во Охрид немале серум, тој со санитетско возило бил транспортиран во болницата во Дебар каде му бил спасен животот.
Директорот на дебарската болница изјавил дека многупати спасуваат животи на лица каснати од змија, честопати тоа се жители на соседна Албанија кои живеат блиску до границата, бидејќи нив болницата во Пешкопеја им е подалеку од дебарската болница.
Според информациите, во изминатите неколку дена во Општата болница во Дебар, антивиперин (серум против змиски отров) добиле две лица странски државјани, со што се спасени нивните животи.
„Во едниот случај станува збор за лице од соседните албански населени места, во чии амбуланти во моментот немало серум, а додадено на тоа поради фактот што нашата болница е поблиску од регионалната во Пешкопеја, потребната помош се дава побрзо и навреме. Доколку во период од 3 до 4 часа не се добие ваков серум настапува смрт“, изјавил за државната МИА, директорот на болницата во Дебар – Јетлумт Пашоли.
Вториот случај бил вчера.
„Колегите од општата болница од Охрид, кои не располагале со серум, ни се јавија за случајот и веднаш излеговме во пресрет, да помогнеме. Времето беше во прашање, кое не дозволуваше да однесеме серум до Охрид, поради што со санитетско возило од охриската болница пациентот беше донесен кај нас, прими антивиперин и повторно беше вратен во Охрид“, додава Пашоли.