Холандскиот премиер Руте во посета на земјава

by fokus

Холандскиот премиер Марк Руте денеска ќе престојува во посета на Северна Македонија. Ова е прва посета на еден холандски премиер на државава, а се случува во момент кога земјата е соочена со политичка криза и ден пред гласањето доверба на Владата. Руте доаѓа во Скопје и во време на блокада од Бугарија на евроинтеграцијата на Северна Македонија.

Како што соопшти Холандската амасада во земјава, Руте ќе се сретне со премиерот Зоран Заев и со претставници на младите од граѓанското општество, а посетата ќе ја заокружи со работна вечера што ќе ја приреди претседателот Стево Пендаровски.

Во соопштението на Амбасадата се посочува дека на средбите ќе стане збор „за добрите односи меѓу Холандија и Северна Македонија, европската соработка, случувањата во регионот и соработката во НАТО“. Скопје е последната етапа од регионалната посета на Руте во која се вклучени и Грција и Албанија.

Холандија поддржува старт на преговорите со Скопје и Тирана, и како што истакна Руте на неодамнешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо, очекува надминување на блокадата по изборите во Бугарија, а Хаг ќе помогне за што побрзо почнување на пристапните преговори.

– Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаеме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.

Посетата на Руте на Скопје, ја најави минатата недела холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.

– Првпат во историјата на Северна Македонија нашиот премиер Марк Руте ќе ја посети земјава. Тој ќе биде примен од премиерот на Северна Македонија, изјави амбасадорот.

Во коментар за најавената оставка на премиерот Зоран Заев, амбасадорот тогаш ја повтори изјавата од Брисел дадена во име на сите земји членки дека ЕУ ја селди состојбата и дека е многу битно да се остане на патот на реформите.

Холандија важи за принципиелен поддржувач на процесот на проширување на ЕУ, но инсистира на строго и доследно спроведување на реформите, особено во делот на владеење на правото и борба против корупцијата и организираниот криминал.

Поврзани новости