Холандскиот премиер Руте утре во Скопје: Не сум среќен што преговорите се блокирани!

by Fokus

Холандскиот премиер Марк Руте утре ќе престојува во посета на Македонија, потврдија од Владата за МИА. Ова е прва посета на холандски премиер на државава, а се случува во момент кога земјата е соочена со политичка криза и ден пред гласањето доверба на Владата. Руте доаѓа во Скопје и во време на блокада од Бугарија на евроинтеграцијата на Македонија.

Холандија поддржува старт на преговорите со Скопје и Тирана, и како што истакна Руте на неодамнешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо, очекува надминување на блокадата по изборите во Бугарија, а Хаг ќе помогне за што побрзо почнување на пристапните преговори.

– Ќе треба да почекаме на изборите во Бугарија. Не сум среќен со фактот што пристапните преговори со Северна Македонија сè уште се блокирани. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаеме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме сè што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.

Посетата на Руте на Скопје, ја најави минатата недела холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп.

– Првпат во историјата на Северна Македонија нашиот премиер Марк Руте ќе ја посети земјава. Тој ќе биде примен од премиерот на Северна Македонија, изјави амбасадорот.

Поврзани новости